Претходна статија
Доцни изградбата на студентски дом за штипскиот универзитет
Следна статија
2,5 милиони евра за реконструкција на Психијатриската болница во Бардовци

Хабитат ќе гради уште две згради со социјални станови во Велес

Објавено на 17.04.2013 во категорија Вести.

извор: www.habitat.org.mkНа локацијата на која веќе се изградени четирите згради за вдомување на семејства со ниски примања ќе се подигнат уште две нови зданија во кои ќе се сместат 12 велешки семејства, јавува локалниот интернет – портал „Дума“. Невладината организација „Хабитат“ ги започна подготовките за изградба на идните објекти со вкупно 12 станови. Слично како и во досегашниот процес на реализација на проектот, зградите ќе ги градат странски волонтерски тимови на организацијата, во соработка со членовите на семејствата кои ќе бидат избрани како сопственици на становите. Тие ќе треба да учествуваат со минимум 100 работни часови во градбата на сопствените живеалишта, при што 10% од финансиските средства за новиот дом се должни да ги исплатат веднаш, а останатите на рати во наредните 20 години без камата.

 

„Хабитат“ е единствениот субјект во земјава кој реализира ваков вид на помош на семејствата од социјално загрозените категории. Во Велес досега се завршени четири згради, во кои веќе се вселени семејства во 24 станови. Цената на живеалиштата изнесува 471 евра за метар квадратен, а сопствениците се задолжени да плаќаат до 120 евра месечна рата од кредитот. Изградбата на социјалната населба во Велес започна во октомври 2008 година и во неа помогнаа преку 500 волонтери од Македонија и од неколку странски земји.