Претходна статија
Општина Карпош распиша оглас за изградба на општинска зграда
Следна статија
Никој не сака да го гради новото седиште на општина Аеродром

ГТЦ ќе добие нова фасада и надградба

Објавено на 14.06.2012 во категорија Вести.

Започна постапката за промена на надворешниот изглед на Градскиот Трговски Центар во Скопје. Раководството денеска распиша конкурс за избор на идејно решение за изградба на петто ниво на објектот и за промена на постоечката фасада. Можноста за добивање нов надворешен изглед на зданието следи по измените и дополнувањата на ДУП „Мал Ринг“, усвоени од Советот на општина Центар на почетокот од февруари годинава. Според објавениот оглас, долго најавуваното дооформување на ГТЦ предвидува изградба на тераса на најгорниот кат, а во распишаниот конкурс не е наведено барање за конкретен архитектонски правец кој ќе треба да се имплементира во идејното решение од страна на архитектите.

 

 

 

 

Комисијата за избор на победничкиот проект ќе додели прва награда во износ од 108.000 денари, втора награда во износ од 100.000 денари, а ќе откупи и два труда на архитектите во износ од по 50.000 денари. Конкурсните трудови треба да се достават до А.Д. „Градски Трговски Центар – Скопје“ најдоцна до 18 октомври, по што ќе се одлучи каков изглед ќе добие едно од најпрепознатливите зданија во македонската метропола. Архитектот Радомир Лаловиќ, еден од авторите на оригиналното идејно решение за ГТЦ, во изјава за весникот „Вест“ во февруари годинава напомена дека никој не го побарал за совет околу промената на надворешниот изглед на објектот и дека за ваквата иницијатива дознал по објавувањето на измените и дополнувањата на ДУП „Мал Ринг“ од страна на медиумите.