Претходна статија
Одложена изградбата на првата катна гаража во Охрид
Следна статија
Богданци в недела на референдум за рудникот во Казандол

Грчки „Актор“ обвинет за перење на пари за автопатот Демир Капија – Смоквица

Објавено на 08.06.2017 во категорија Вести.

 

Грчкото обвинителство ја гони тамошната компанија „Актор“ за перење на пари во висина од 50 милиони евра при изградбата на автопатот Демир Капија – Смоквица. Медиумите од нашиот јужен сосед јавуваат дека обвинителството покренало постапка врз основа на спроведената истрага од Европската канцеларија за борба против измами – ОЛАФ. До македонското јавно обвинителство веќе е пристигнато известување од ОЛАФ, но оттаму информираат дека не се доставени резултатите од европската истрага.

 

 

Скандалот за перење пари при изградбата на автопатот беше обелоденет од социјалдемократите во 2014 година. Од СДСМ тогаш тврдеа дека од македонските банки се извлечени над 3 милиони евра, но Основното јавно обвинителство до денешен ден ја нема комплетирано истрагата за овој случај. Од новото раководство на Министерството за транспорт и врски денеска најавија дека ќе ја информираат со повеќе детали македонската јавност во моментот кога ќе добијат дополнителни податоци за овој случај.

 

Изградбата на автопатот Демир Капија – Смоквица во должина од 28,2 километри започна во септември 2012 година. Грчката компанија „Актор“ беше избрана за изведувач на проектот вреден 257 милиони евра. Градежните работи на оваа делница се веќе завршени и во претстојниот период се очекува нејзиното пуштање во употреба. Изведбата на автопатот доцнеше 10 месеци, поаѓајќи од првичниот ветен рок дека проектот ќе биде комплетиран до септември 2016 година.

 

 

» Форумска дискусија за овој проект