Претходна статија
Утре ќе се вози нова велосипедска тура под мотото „Замисли го Скопје како вело-град“
Следна статија
Изложбата „АрхиТРАНСформа“ утре во Музејот на град Скопје

Граѓаните од Карпош бараат да се обнови салата „Партизан“

Објавено на 25.07.2017 во категорија Вести.

 

Граѓанската иницијатива „Да го вратиме Партизан на граѓаните“ бара обнова на спортската сала „Партизан“ и спречување на натамошното уништување на овој спортско – рекреативен центар во скопската населба Карпош 4. Жителите на оваа населба на 27 јули ќе одржат неформално дружење со спортски и рекреативни содржини што ќе се одржат пред самиот објект во близина на трговскиот центар „Сити мол“. Од иницијативата ги повикуваат сите граѓани да се придружат на настанот, со што ќе се испрати порака за обнова на овој спортски објект.

 

 

„Скршени прозорци и врати, ишарани ѕидови, отпад на сите страни, а влезот слободен. Ваква е состојбата на спортската сала „Наум Наумовски-Борче“ попозната како „Партизан“, која некогаш била гордост на градот Скопје“ велат од граѓанската иницијатива. Спортскиот објект не функционира повеќе од 10 години, иако им е неопходен на граѓаните од оваа скопска населба. Салата „Наум Наумовски-Борче“ е изградена во 1969 година и истата претставува подарок за разрушениот град Скопје од страна на француската влада.

 

Спомените за катастрофалниот земјотрес се негуваат секоја година од страна на градските власти, но истото не може да се каже и за бројните објекти изградени во главниот град. Како град прогласен за симбол на меѓународната солидарност, Скопје по 1963 година доби бројни зданија како подарок од многу земји. Голем дел од овие објекти се наоѓаат во опасност од уривање, а дел од нив се оставени на заборав на времето. Покрај негрижата за салата Партизан, на територијата на општина Карпош веќе е срушен Институтот за белодробни заболувања во Козле, донација од Норвешка и Шведска.

 

Во опасност е постојниот објект на Драмски театар, кој е донација од Велика Британија по катастрофалниот земјотрес. Договорот за изградба на новото здание е веќе потпишан, а истиот предвидува рушење на старата зграда. Локацијата за градење се наоѓа на само стотина метри од дотраените бараки на Факултетот за драмски уметности, кој веќе доби нов објект во центарот на градот. Меѓу заборавените објекти од пост-земјотресниот период е и Универзалната сала, која е затворена за одржување на настани веќе неколку години наназад.

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.mk