Претходна статија
Во завршна фаза е изградбата на новото шеталиште во Охрид
Следна статија
РЕПОРТАЖА: Лозана - најмалиот град на светот кој има метро

Граѓаните бараат да се повлече ДУП-от за населбата Дебар Маало

Објавено на 21.02.2017 во категорија Вести.

 

Формирана е нова граѓанска иницијатива „Во одбрана на Дебар Маало“. Жителите од оваа скопска населба бараат повлекување на предложениот ДУП за Дебар Маало, посочувајќи дека не се почитува законот за изработка на студии за сообраќај, зеленило и инфраструктура. „Се манипулира со висината на објектите и постои можност цело Дебар Маало да биде преплавено со згради од по 15 ката. Има огромни недостатоци во обработката на податоците за густина на населеност“ посочуваат од иницијативата „Во одбрана на Дебар Маало“. На граѓаните им се приклучи и филмскиот режисер Милчо Манчевски, кој до општина Центар достави предлог за мораториум за градење во Дебар Маало и во Градскиот парк до изработката на студии за загаденоста на воздухот, густината на население и сообраќајните решенија.

 

 

Општина Центар пред година и пол го пролонгираше донесувањето на урбанистичкиот план за оваа скопска населба, по реакциите на граѓаните. Во исто време, владата донесе одлука за прогласување на неколку градежни парцели како „градби од посебен интерес“, и покрај тоа што на нив е предвидена изградба на станбени згради. Градоначалникот Андреј Жерновски и советниците на СДСМ од општинскиот совет поднесоа поднесоа тужби до Управниот и до Уставниот суд, кои до денешен ден не ја разрешија спорната ситуација. Станува збор за два објекти кои треба да се градат на местото на бараките на АДСДП, парковското зеленило наменето за Старата учителска школа кај Генералштабот на АРМ, планираната општинска зграда, но и за локацијата на која во моментов се наоѓа Град Скопје во рамките на Градскиот парк.

 

Жителите од населбата бараат од градоначалникот Андреј Жерновски и од проектантското биро „Билд“ како изготвувач на планот да го повлечат истиот од процедура и да го вратат во нацрт фаза. Од иницијативата „Во одбрана на Дебар Маало“ велат дека направиле попис на зелените површини во населбата, но и дека се подготвени за организација на други настани во наредниот период доколку не се слушне нивниот глас.