Претходна статија
Старата скопска чаршија во иднина со автентични излози и реклами на дуќаните
Следна статија
Во завршна фаза проширувањето на улицата Тодор Александров

Градот Скопје со мурали сака да се искупи за „барокизацијата“ на фасадите

Објавено на 29.08.2017 во категорија Вести.

 

Откако го измени препознатливиот лик на над 25 модернистички зданија во централното градско подрачје, Градот Скопје предизборно се втурна во флертување со урбаниот дел на метрополата. Градските власти го поддржаа проектот за изработка на мурали на фасадите на неколку објекти во централното и поширокото градско подрачје. Носител на проектот е Младинскиот културен центар, а од градската каса за овој проект ќе се издвојат 1.250.000 денари. Првиот мурал на зградата над Билната аптека веќе е изработен од уметникот Векс Ван Хилик. До крајот на годинава ќе бидат изработени уште десетина мурали од повеќе уметници од Европа, Азија, Северна и Јужна Америка.

 

*Градоначалникот Коце Трајановски со мурали сака да им се допадне на жителите од урбаниот дел на градот; Фото: Град Скопје.

 

И додека дел од зградите во Скопје добиваат нови мурали, градските власти продолжуваат со „барокизацијата“ на модернистичките зданија на улиците „Македонија“, „Димитрие Чуповски“, „Никола Вапцаров“ и зданијата околу плоштадите „Македонија“ и „ВМРО“. Без вообичаените свечености со присуство на градоначалникот Коце Трајановски, во изминатиов период една по друга се пуштаат во употреба „барокните“ фасади од проектот „Скопје 2014“. Градските власти во февруари годинава ги поништија архитектонските Конкурси за 20 – тина згради по жестоките реакции од авторите на овие објекти.

 

Според базата на податоци „Скопје 2014 под лупа“, Градот Скопје заедно со владината Служба за општи и заеднички работи за рефасадирање на десетици објекти потрошиле над 14 милиони евра. Во оваа сума не влегуваат средствата одвоени за менување на изгледот на владиниот објект, Министерството за правда, Министерството за транспорт и врски, објектот на „Пелагонија“ и Градскиот трговски центар.

 

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.mk