Претходна статија
Четири нови инвестиции во Општина Илинден
Следна статија
Промовирани пет реконструирани фасади на објекти во Гостивар

Градот Скопје ги отвори портите за „Рајската градина“

Објавено на 28.07.2016 во категорија Вести.

Скопскиот градоначалник Коце Трајановски и градоначалникот на општина Аеродром Ивица Конески денеска го отворија новиот парк со површина од околу 10 хектари во населбата Ново Лисиче. Проектот со кој се зазеленија 90.000 метри квадратни зафаќа дел од просторот на кој Електрани на Македонија планира да ја гради контроверзната „Рајска градина“ која ќе чини 15 милиони евра. Изградбата на тематскиот парк со антички скулптури, лавови, грифони, реплика на Венера Милоска и разни декоративни елементи во неокласицизам денеска не беше спомената од градоначалникот Коце Трајановски.

 

 

* Извор на фотографија: Град Скопје

 

 

„Во новиот парк се ископани 2 бунари од кои ќе се користи водата за полевање на сите зелени површини во паркот, поставена е нова хидрантска мрежа со 16.000 метри црева за наводнување, околу 270 прскалки и 70 хидранти. Во рамките на паркот се формирани трим патеки покриени со бела ризла во вкупна должина од 1.700 метри, околу кои се формирани 55 џебови за клупи за седење, корпи за отпадоци и урбана опрема“ посочи скопскиот градоначалник. Во паркот има две детски игралишта, ново осветлување со 150 канделабри, мултифункционално игралиште за кошарка и фудбал и пет летниковци. Релизацијата на проектот започна во февруари 2015 година и во него досега се инвестираа 44 милиони денари од Градот Скопје и 9 милиони денари од Општина Аеродром.

 

 

 

 

И додека локалните власти работеа на уредување на паркот со површина од 10 хектари, Електрани на Македонија (ЕЛЕМ) периодов треба да ги соопшти натамошните чекори околу изградбата на проектот „Рајска градина“. Неокласицистичкиот парк со фонтани високи и до 13 метри е стигнат до моментот на избор на изведувач на градежните работи. Првиот тендер заврши на 23 јуни, но до денеска не е објавен неговиот исход. Замислениот „Рајски парк“ во кој ќе се вдомат разновидни животни треба да никне на површина од 15 хектари, кои заземаат голема површина од паркот што денеска го пуштија во употреба градоначалниците на Град Скопје и на Општина Аеродром.

 

 

 

 

Проектот за „Рајската градина“ е изготвен од бирото „Архитектоника“ од Скопје, врз основа на идејното решение потпишано од авторите Жарко Чаушевски, Филип Богатинов и Македонка Чаушевска.

 

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.mk