Претходна статија
Собрани доволно потписи за референдум за рудникот во Казандол
Следна статија
Растат трошоците за изградба на нови домови

Градежниците лани имале полни раце работа при изградбата на нови станови

Објавено на 05.06.2017 во категорија Вести.

 

Деловните субјекти и индивидуалните лица за само една година изградиле над 6.100 станови за домување. Според податоците на Државниот завод за статистика, компаниите лани ја завршиле изведбата на 3.483 станови во вкупно 2.301 објект, со вкупна корисна површина од 214.304 метри квадратни. Во 2016 година во индивидуална режија биле издигнати вкупно 2.709 станови во 2.153 објекти, чија корисна површина изнесувала 305.108 метри квадратни. Просечната површина на завршените домови од индивидуалните лица е 112,6 метри квадратни, додека становите изградени од деловни субјекти се простирале во просек на 61,5 метри квадратни.

 

Статистичарите пресметале дека лани убедливо најмногу станови се изградиле во Скопскиот регион. Веднаш по него, следуваат Југозападниот регион, Полошкиот регион и Источниот регион. Индивидуалните сопственици во 2016 година на градежни работи потрошиле 10.960.148 илјади денари, додека компаниите од градежниот сектор инвестирале 34.689.785 илјади денари. Од сите овие објекти изградени од деловните субјекти, дури 10.858.409 илјади денари се потрошени за изведба на објекти во индивидуална сопственост.

 

Во делот на изведбата на станови во индивидуална режија, во општина Струга лани се завршиле најмногу станови – вкупно 122. Деловните субјекти пак успеале да изградат најмногу станови во скопската општина Центар – вкупно 221. Државниот завод за статистика еднаш годишно подготвува извештај во кој се наведени бројките за завршени станови во земјава.