Претходна статија
Како до идеална температура во вашиот дом?
Следна статија
Нови велосипедски патеки околу Големиот ринг во Скопје

Град Скопје ветува дека нема да го уништи зеленилото со изведбата на Луна паркот

Објавено на 21.03.2017 во категорија Вести.

 

Ниту 84.070, ниту 40.000 метри квадратни. Градот Скопје денеска излезе со информација дека идниот забавен парк во Градскиот парк ќе се протега на површина од околу 24.000 метри квадратни, со што ги демантираше претпоставките дека ќе се уништи дел од зеленилото за да се изгради идниот Луна парк. Властите посочуваат дека забавните реквизити ќе бидат поставени на идентичната локација каде што во моментов се наоѓа Луна паркот. Според актуелниот урбанистички план, големината на соодветните парцели за идниот забавен парк е 84.070 метри квадратни, но и самиот забавен парк ќе се протега на истата површина како и досега.

 

 

„Градот Скопје ги негира наводите наведени во одредени натписи во врска со изградбата на новиот Луна парк, каде се тврди дека за изградбата на истиот ќе се уништат над 59.000 метри квадратни“ посочуваат од градската администрација. Оттаму велат дека новиот забавен парк ќе чини околу 400 милиони денари, односно околу 6,5 милиони евра. Главниот забавен дел на паркот ќе има два адреналински реквизити, шест семејни и 18 детски реквизити. Во паркот ќе има разни видови лулашки, вртелешки, тобогани и сличен вид на забавно-рекреативни содржини.

 

„Во Луна паркот во отворениот дел ќе има влезна партија со билетарница, продавница за сувенири, ресторани, канцеларии за администрацијата, тоалети и гардероби за вработените, како и затворен мултинаменски објект во облик на школка“ информираат од Град Скопје. За изведба на планираниот проект досега се склучија договори за изведба на градежниот дел од паркот со фирмата „Жикол“ од Струмица, како и за набавка на планираните забавни реквизити со „Боминг“ и „Ивама Траде“ од Скопје. Во моментов во Градскиот парк се изведува неопходната подземна инфраструктура за идниот забавен парк, по што треба да следува и постепена дислокација на дел од постојните содржини на Луна паркот.