Претходна статија
Општина Кавадарци продава шест парцели за станбени згради
Следна статија
Во Кочани ќе се гради втората фаза од колекторскиот систем

Град Скопје со изложби под отворено небо ќе ги доближува јавните простори до граѓаните

Објавено на 26.03.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

 

Скопските градски власти денеска го распишаа Конкурсот за избор на идејно решение и изработка на монтажно – демонтажни елементи за организирање на изложби под отворено небо. Идејата на Градот Скопје е новите елементи да се инсталираат на различни локации низ метрополата, со цел изложување на уметнички дела и доближување на неискористените јавни површини до граѓаните. „Со овој проект ќе се овозможи аматерите и професионалните работници од областа на културата и уметноста почесто да ги промовираат своите активности преку користење на јавните простори за презентирање на своите содржини“ се нагласува во објавениот Конкурс.

 

 

Градската администрација смета дека со искористувањето на јавниот простор во Скопје може да придонесе за унапредување на културниот идентитет на главниот град. Од таа причина, властите бараат од архитектите во секој конкурсен труд да поднесат три идејни решенија за изработка на подвижни преградни ѕидови, постаменти за скулптури и дрвени штафелаи. Краен рок за доставување на конкурсните трудови е 2 мај. За најсоодветниот понуден труд е предвидена главна награда за трите дела на конкурсот во нето износ од 90.000 денари.

 

Од архитектите се бара во своите конкурсни трудови да задоволат неколку критериуми, вклучувајќи ја уникатноста на предложениот дизајн и долговечноста на предложените материјали, едноставен пристап кон монтажа и демонтажа на елементите, отпорност на материјалите на надворешни временски услови и изводливост и ниска цена на чинење на изведбата. Сите дополнителни барања за дизајнот на идните монтажно – демонтажни елементи може да се пронајдат на следниов линк. По изборот на најсоодветниот труд, Град Скопје ќе пристапи кон избор на понудувач што ќе ги изведе дизајнираните елементи на предвидените локации.

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.mk