Претходна статија
Катастарот ќе изработи Графички регистар на улици и куќни броеви
Следна статија
Кавадарци ќе гради монтажна гаража за решавање на проблемот со паркирање

Град Скопје ќе објави втор по ред тендер за проектирање на тунелот под Кале

Објавено на 19.02.2019 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Откако пропадна првичниот обид од ноември минатата година, Градот Скопје се подготвува за објавување на втор по ред тендер за изработка на основниот проект и на измените и дополнувањата на проектот за инфраструктура за идната сообраќајница што ќе се гради на потегот од седиштето на владата до Пластичарската улица. Градските власти веќе ја објавија тендерската документација, а до 26 февруари ќе ги очекуваат предлозите и коментарите за нејзина исправка што би биле доставени од проектантите што планираат да учествуваат на претстојниот тендер. По оваа фаза, ќе следува објавувањето на вториот по ред тендер за докомплетирање на тендерската документација за идниот тунел под Скопското Кале.

 

 

Идниот проектант ќе треба да ги подготви геомеханичките истражувања на трасата по која ќе минува идната сообраќајница што ќе ги поврзува општините Центар и Чаир, а негово задолжение ќе биде и изготвувањето на идејниот проект за идниот мост и вијадукт над реката Вардар. Доколку овој пат успешно се реализира тендерската постапка, Градот Скопје би можел да ги комплетира основниот проект и проектот за инфраструктура до крајот на 2019 година, со што потоа би се создала и можноста за потрага по финансиски извори за изведба на проектот и за распишување на тендер за избор на изведувач на градежните работи.

 

Самиот проект за продолжување на булеварот „Св. Климент Охридски“ во правец кон булеварот „Никола Карев“ е предвидено да се гради во три фази. Првичната етапа ќе значи изведба на идниот вијадукт над реката Вардар и целокупната траса до планираниот тунел, којшто пак ќе се гради под Музејот на современа уметност како засебна фаза. Во последната етапа би се градел потегот од тунелот до раскрсницата со Пластичарската улица. Идната сообраќајница би имала 4 коловозни ленти во двата правци, а Градот Скопје ќе му остави можност на проектантот да ја проучи и опцијата за изведба на велосипедска патека долж оваа идна сообраќајница.

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.mk