Претходна статија
„НБ Компани“ ќе ги реконструира блоковите „В“ и „Г“ на домот „Гоце Делчев“
Следна статија
Пробиени 85% од автопатот Кичево - Охрид

Град Скопје ќе дава субвенции за купување велосипеди

Објавено на 11.04.2017 во категорија Вести.

 

Четири години по отпочнувањето на идентичен проект од општина Центар, Градот Скопје се одлучи годинава да го субвенционира купувањето на нови велосипеди за граѓаните. Од градскиот буџет е предвидено да се одвојат 10 милиони денари за овој проект, со кој се очекува дека граѓаните ќе набават најмалку 2.500 велосипеди. Проектот утре треба да се изгласа од градскиот совет, по што ќе се распише јавен повик за пријавување на заинтересираните. Градските власти планираат да доделат поврат до 4.000 денари за набавка на нов велосипед за секој заинтересиран граѓанин.

 

 

„На утрешната седница на Советот на Град Скопје предложив проект со кој Градот Скопје ќе додели субвенции на граѓаните за купување велосипед, како една од директните мерки за унапредување на велосипедскиот сообраќај во градот, за да ги поттикнеме граѓаните во што поголем број да користат велосипед како транспортно средство“ вели скопскиот градоначалник Коце Трајановски. Тој додава дека проектот е продолжение на веќе започнатиот зафат за изведба и реконструкција на четири велосипедски рути во градот во рамките на „СКОПЈЕ ВЕЛОГРАД 2017“. Градот Скопје досега успеал да изгради и реконструира урбани и рекреативни велосипедски патеки во должина од 28 километри.

 

Од опозицијата денеска реагираа дека субвенции за велосипеди за граѓаните и вистински мерки за заштита на животната средина ќе спроведат новите власти на државно и на локално ниво. Социјалдемократите велат дека предложената мерка не е доволна за промовирање на велосипедизмот во Скопје. „Граѓаните знаат дека токму Трајановски овозможи да отидат милиони евра нивни пари за непотребни панорамски тркала, лажни барокни фасади, камен, наместо да се грижи за нивното здравје. Така беше и со субвенциите за печки за пелети, наменети само за 200 семејства“ посочуваат од СДСМ.