Претходна статија
Зградата на Албанскиот театар дури во октомври ќе биде пуштена во употреба
Следна статија
Свечено отворен францускиот Меморијален комплекс во Битола

Град Скопје допрва ќе изработува проект за новиот булевар меѓу Скопски саем и хотел „Русија“

Објавено на 31.05.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

 

Промовиран инфраструктурен проект без претходно да се изготви неопходната документација. Вака отприлика изгледа идејата на Градот Скопје за изградба на нов булевар меѓу Скопски саем и хотел „Русија“, којашто беше помпезно најавена од скопскиот градоначалник Петре Шилегов пред повеќе од два месеци. Градските власти дури денеска на Електронскиот систем за јавни набавки го објавија огласот за избор на фирма што ќе ги изработи проектите за продолжување на булеварот „АСНОМ“ кон населбата Керамидница.

 

*Градот Скопје на нероден Петко капа му скрои

 

Со актуелната набавка ќе се изработат основен проект за реализација на зафатот во три фази, но и сообраќаен проект за режим на сообраќај долж целата траса со проектирана должина од 2.170 метри. Фирмите ќе имаат рок до 20 јуни за да ги достават своите понуди за учество во тендерската постапка, по што ќе се избере најповолниот понудувач. Сообраќајниот проект ќе треба да се заврши во рок од 45 работни дена, додека за да биде готов основниот проект ќе треба да се почекаат 120 работни дена. Ако целокупната постапка се одвива според предвидената временска динамика, проектната документација би била изработена најрано до крајот на претстојната есен.

 

По комплетирањето на неопходните проекти, Градот Скопје ќе може да пристапи кон распишување на тендерот за избор на компанија што би го градела новиот скопски булевар. Проценките на градските власти се дека за неговата изведба ќе бидат потребни 24 месеци, сметајќи од почетокот на градежните работи. Новата скопска сообраќајница меѓу Скопскиот саем и хотелот „Русија“ ќе го чини градскиот буџет измеѓу 7,5 и 8 милиони евра.

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.mk