Претходна статија
Втората фаза од изградбата на експресниот пат Градско-Прилеп ќе почне до крајот на годинава
Следна статија
И жителите од Карпош 4 со директни барања до кандидатите за градоначалници

ФОТО ВЕСТ: Заглавена изградбата на пругата Битола – Кременица

Објавено на 08.09.2017 во категорија Вести.

 

И по повеќе од две и пол години од почетокот на изградбата, пругата Битола – Кременица не е пуштена во употреба. Делницата во должина од 17 километри е недовршена, некои сегменти од трасата не се ниту започнати со работа, а само на 900 метри се поставени бетонски прагови и шини. На еден дел од трасата се изведени предвидените мостови и во одреден сегмент е поставен горниот слој од пругата. Сепак, едногодишната пауза во изведбата на работите ги става под опасност од уништување веќе завршените градежни активности.

 

 

Шините и бетонските прагови за оваа пруга се оставени околу железничката станица во Битола. Некои од градежните материјали постои опасност да се украдат, бидејќи не постои чуварска служба долж целата траса. Планираната сигнализација на пругата кон Грција не е поставена. Во исто време, реновираната железничка станица во Битола не е пуштена во употреба, иако се реконструира десетици месеци наназад. Граѓаните го чекаат доаѓањето на возот на отворено, а купувањето на билетите се врши во импровизирана билетара.

 

 

Пругата Битола – Кременица е ветување на претходната влада дадено во 2009 година. Изградбата на железничкото поврзување со Грција започна во 2015 година, при што возовите требаше да започнат да сообраќаат од минатото лето. Европската Унија преку ИПА програмата има одвоено 19,9 милиони евра за реализација на овој проект, но истиот ќе мора да се доврши до декември 2017 година. Ако не успее да пронајде нов изведувач, Министерството за транспорт и врски преку средства од државниот буџет ќе треба да ја доврши изградбата на пругата, а европските пари да ги врати назад.

 

 

» Форумска дискусија за пругата Битола – Кременица

 

 

Текст, фото: Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.mk