Претходна статија
Нови автобуски постојки ќе се постават во Битола
Следна статија
Равенка со многу непознати е новиот „барокен“ објект на АДСДП

ФОТО ВЕСТ: Се сечат дрвја кај МОБ, нов „барокен“ објект на повидок

Објавено на 06.09.2015 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Без никаква најава, викендов започнаa подготовки за изградба на нова „барокна“ зграда во паркот кај Македонската опера и балет. На терен се сечат дрвјата на една од малкуте преостанати зелени површини во Мал Ринг, додека градежните машини ги вршат подготвителните работи за претстојниот ископ. Новото административно здание ќе обезбеди канцелариски простор од 10.179 метри квадратни за вработените во државните институции, а како инвеститор се јавува Акционерското друштво за стопанисување со станбен и деловен простор (АДСДП). Објектот ќе има приземје, седум ката и поткровје.

 

###

###

 

 

Почетокот на изградбата на овој „барокен“ објект од проектот „Скопје 2014“ го следи целосен молк од инвеститорот. На веб-страницата на Бирото за јавни набавки не е објавен договорот со изведувачот на градежните активности, иако на градилиштето веќе се работи. До денешен ден пред македонската јавност не е претставено победничкото идејно решение на авторот Жарко Чаушевски, ниту пак основниот проект изработен од студиото „Архитектоника“ од Скопје. Без никакви информации е оставена македонската јавност и во однос на прашањето зошто мора целосно да се огради еден од последните симболи на пост-земјотресно Скопје, објектот на Македонската опера и балет.

 

Огласот за изградба на „барокната“ зграда на АДСДП беше публикуван на почетокот од јуни годинава. Инвеститорот во тендерската постапка проценуваше дека објектот ќе чини 7 милиони евра, но нема никакви информации колкава е финалната сума за овој проект. На терен денеска работеа градежни екипи на фирмата „Декон-Ком“ од Скопје, која претходно работеше на изведба на зградата на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги кај хотел „Бристол“.

 

 

Текст, фото: Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.mk