Претходна статија
Груевски не одмина да го посети објектот за ФДУ и јавна администрација
Следна статија
СЈО: Нова истрага за изградба на три куќи во Зелениково

ФОТО ВЕСТ: Отворена новата Филхармонија

Објавено на 22.05.2017 во категорија Вести.

 

После осум години изградба, вчеравечер со свечен концерт беше отворен новиот дом на Македонската филхармонија во центарот на Скопје. Музичкиот храм има површина од 12.400 метри квадратни и две сали – голема сала со капацитет од 1.000 седишта и мала повеќенаменска сала со капацитет од 310 места, од кои 168 се фиксни седишта, 110 се телескопски и 32 се мобилни седишта.

 

Објектот е изграден според идејното решение на архитектот Виктор Михајлов, а за акустиката беше задолжен Јорг Кумел. Основниот и изведбениот проект беше изработен од проектантската куќа „Македонија проект“, а изведувачи беа домашната фирма „Гранит“ и австриски „Штрабаг“.

 

Изградбата на Филхармонијата чинеше 39.9 милиони евра и беше проследена со повеќекратно пробивање на роковите и на првично најавениот буџет. Особен проблем на изведувачите им задаваше изведбата на покривот. Објектот значително се разликува од оригиналните рендери од 2009 година, како и од темелно ревидираните рендери кои ѝ беа презентирани на јавноста откако започна реализацијата на проектот.

 

Од ситуацијата на терен, останува впечатокот дека иако беше свечено отворен, објектот сепак сè уште не е готов. Во голем број простории продолжуваат градежните работи, а порталот СДК објави дека зданието не е заведено во Катастарот, дека парцелата сè уште се води како камењар, како и дека надлежните одбегнале да одговорат дали е направен технички прием и дали објектот има одобрение за употреба.

 

» Форумска дискусија за овој проект