Претходна статија
Повторно се најавуваат облакодери кај „Холидеј Ин“
Следна статија
Критична маса в среда ќе вози за подобрување на безбедноста во сообраќајот

ФОТО ВЕСТ: Напредува изградбата на филхармонијата

Објавено на 28.09.2015 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Новиот објект на Македонска филхармонија пополека го добива замислениот изглед од победничкиот архитектонски труд. Една година по изборот на нов изведувач за ова културно здание, на градилиштето периодов се одвиваат градежни активности за изведба на покривот и стаклената фасада. Врз веќе изведената конструкција се поставуваат елементите од покривот, кој допрва треба да го добие завршниот слој на површината. Паралелно со покривот, целосно е изведена конструкцијата за застаклените површини, така што екипите на „Гранит“ во моментов го поставуваат фасадното стакло.

 

Од внатрешноста на објектот на Македонска филхармонија, досега се оформени преградните ѕидови. Во претстојниот период треба да се изведат градежно – занаетчиски, ентериерни и инсталатерски работи што ќе го оформат зацртаниот ентериер од проектната документација. Покомплексните работи, како што е монтирање на опремата за потребите на Македонска филхармонија, ќе следуваат дури откако зданието целосно ќе се заштити од надворешни атмосферски влијанија. Градежно – занаетчискиот дел од проектот требаше да се заврши во рок од осум месеци, но извесно е дека ќе има забележливо задоцнување од неколку месеци на овој дел од изградбата на филхармонијата во Скопје.

 

Министерството за култура за изградба на објектот досега издвои финансиски средства во висина од 39,8 милиони евра. Во овој буџет влегува градежно – занаетчискиот дел, но и внатрешното уредување, мебелот и целокупната опрема за концертната сала. За неговата реализација е ангажирана градежната компанија „Гранит“ од Скопје. Автор на победничкиот архитектонски труд за културното здание е Виктор Михајлов, додека основниот и главниот проект го изработи бирото „Македонија проект“.

 

Објектот ќе се состои од две концертни сали – голема со капацитет од околу 1.100 седишта и мала за камерни оркестри која ќе може да прими 400 посетители, вежбални за изведувачи на разни видови инструменти и подземно паркиралиште. Изградбата започна во март 2009 година.

 

####

####

 

 

Текст, фото: Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.mk