Претходна статија
РЕПОРТАЖА: Брно - успешна приказна за развој на трамвајскиот превоз
Следна статија
За кинеските автопати и „Траекторија“ ќе има судење во Кривичниот суд

ФЕЉТОН: Регионалниот план за град Скопје – прв од таков вид во Македонија (7)

Објавено на 12.11.2017 во категорија Вести.

 

Изработката на Генералниот урбанистички план за град Скопје претставувал најзначаен придонес на полскиот тим во рамките на постземјотресната обнова на метрополата. Со сиот овој труд, Адолф Циборовски и Станислав Јанковски се запишуваат во групата на творци коишто ја моделирале иднината на македонскиот главен град, вклучувајќи ги тука Димитрие Т. Леко, Јосиф Михајловиќ и Лудјек Кубеш. Сепак, не смее да се изостави придонесот на стручњаците од Полска при изработката на Регионалниот план за град Скопје. Од полска страна во реализација на задачата биле вклучени двајца експерти – економистот Збигњев Галперун и архитектот Олгиерд Качински. Тие биле назначени за да ја спроведат консултантската работа при изработката на Регионалниот план, којашто била зададена како задача на тимот од Југославија, предводен од македонскиот архитект Благоја Колев.

 

„Тоа беше првиот регионален план подготвен на ниво на цела Македонија. Ние работевме заедно со локалните архитекти и урбанисти“ нагласува Збигњев Галперун низ разговорот што го водевме во Варшава. Тој додава дека не постоело искуство во изработката на регионални планови од југословенската страна, со што се создала потребата за нивно ангажирање во делот на советувањето. Економистот Галперун на 15 јануари 1965 година започнал со исполнувањето на работните задолженија во Скопје, што го опфаќале не само Регионалниот план за град Скопје, туку и активностите поврзани со Генералниот план за градот.

 

Првичниот нацрт на Регионалниот план бил подготвен на крајот од 1964 година. Институтот за урбанистичко планирање и архитектура на Скопје ја имал клучната улога при изработката на оваа документација. Десетчлениот тим, составен од стручњаци на Институтот за урбанистичко планирање и архитектура и фирмата „Полсервис“, ги оформил нивните сознанија за регионалниот развој на Скопје и ги претставил пред Меѓународниот советодавен одбор во март и јули 1965 година, по што истите биле вклучени во финалниот извештај за Генералниот план за град Скопје. Веќе во ноември 1965 година е изготвена подетална прогноза за економскиот развој на Скопскиот регион.

 

Изработената регионална студија ја опфатила целата територија на тогашна СР Македонија, заедно со територијата на Автономната Покраина Косово и дел од СР Србија, јужно од Ниш во правец кон Прешево. Во тогашна Југославија се сметало дека Скопје може да прерасне во регионален центар за територијата на овие три сегашни држави, опфаќајќи површина од 42.610 метри квадратни. Притоа, Скопскиот регион бил поделен на седум подрегиони со свои центри. „Регионалните планери посочија дека за овие седум подрегиони, коишто се набројани погоре, културните услуги треба да бидат сконцентрирани во Скопје, Неготино, Приштина, Лесковац, Ѓаковица, Битола и Штип“ се наведува во книгата „Skopje Resurgent“, објавена од Обединетите нации.

 

Проекциите на регионалните планери биле дека бројката на население од 3 милиони жители на Скопскиот регион ќе порасне на 4.134.000 жители во 1981 година. Од нив, се сметало дека само Скопскиот подрегион самиот ќе треба да акумулира население од 941.000 жители во почетокот на 80 – тите години од дваесеттиот век. „Пристапноста беше навистина круцијален фактор во планирањето на регионалната мрежа на сервисни центри“ пишува во книгата „Skopje Resurgent“. Една од главните проекции за регионалниот развој на Скопје била времето на патување од максимум 60 минути помеѓу метрополата и околните градови (Велес, Качаник, Куманово, Тетово и Гостивар), користејќи го притоа јавниот превоз. Оваа идеја никогаш не била остварена во целост во реалноста, иако градот Велес бил вклучен во рамките на Скопскиот подрегион при планирањето на транспортната мрежа.

 

Регионалниот план за град Скопје предвидувал силен развој на тешката индустрија, вклучувајќи ја обоената металургија, развојот на железарниците, хемиската индустрија и изградбата на енергетски објекти. Меѓу новите индустрии е наведена и изградбата на рафинеријата за нафта. Збигњев Галперун и Олгиерд Качински во публикуваниот труд во стручното списание „Мјасто“ ги набројуваат најадекватните индустриски гранки што би можеле да се развиваат во секој од седумтте подрегиони на Скопскиот регион. Македонската метропола било замислено да постане главно седиште на административните, културно – услужните и останатите општествени активности. Главниот град бил вметнат во подрегионот Скопје – Куманово – Тетово, при што за секој од овие градови се прикажани можностите за планскиот развој на индустријата.

 

„Од самиот почеток, Меѓународниот советодавен одбор го нагласи барањето за подготовка на еден ваков регионален план и продолжи да врши притисок за понатамошно разгледување на секој релевантен аспект од регионалното истражување“ се наведува во книгата „Skopje Resurgent“. Првиот ваков план изработен за територијата на СР Македонија требало да понуди решенија за проблемот со приливот на население во главниот град, којшто правел потешкотии при планирањето на идниот развој. „Но, во Скопскиот регион токму тоа се случуваше – повеќе луѓе се преселуваа во градот отколку што неговиот индустриски развој би можел економски да ги апсорбира“ е напишано во публикацијата на Обединетите нации.

 

Регионалните планери мака мачеле со предлозите за намалување на притисокот за доселување во Скопје. Една од идеите била да се промени системот на владеење на земјиштето, заедно со промената на изборот на земјоделски култури во целиот регион, со цел да се зголеми атрактивноста на земјоделството во руралните средини од регионот. Главните напори во земјоделството требало да се насочат кон зголемување на продуктивноста и приносот на семејните фарми, коишто своите залихи од производството би ги пласирале на градските пазари. „Увозот“ на земјоделски производи во урбанизираниот дел од Скопје од околните рурални места бил отсекогаш присутен во градот, но идејата на полските и на југословенските експерти била да се зголемат приносите и да се претворат руралните места во поатрактивни за живеење за тамошното население.

 

Заедно со земјоделството, уште една идеја за намалување на приливот на население во главниот град била развојот на руралниот туризам. „Брзото ширење на туризмот и рекреацијата на отворено, што е резултат на порастот на стандардот на живот и одмор дома и во странство, ќе генерира поголема вработеност во руралните делови на Скопскиот регион отколку во самиот град“ се истакнува во книгата „Skopje Resurgent“. Воедно, постепеното и умерено зголемување на бројката на жители во Скопје било предвидено да се контролира и насочува преку забрзаниот развој на Велес, Куманово и Тетово.

 

„Заедно со нивните урбани сервисни зони, овие три подцентри (Куманово, Тетово и Титов Велес) може да растат во однос на населението двојно повеќе од стапката на Скопје и неговата непосредна околина и евентуално би можеле да достигнат комбинирани вкупни бројки што ќе ги надминат оние на Скопската околија“ се нагласува во еден од предлозите на Регионалниот план. Полското искуство во рамномерен и децентрализиран развој на цели региони, по примерот на Шлезија (Катовице) или Померанија (Гдањск), им било понудено на официјалните југословенски власти како можно решение на проблемот со натрупувањето на доселеници од руралните места во Скопје. Колку од сето ова е остварено од властите во изминативе децении, останува да покаже реалната состојба во градот денес.

 

*Поделбата на Скопскиот регион на подрегиони од трудот на Збигњев Галперун, списание „Мјасто“, 1967 година; Фото, обработка: Бојан Блажевски.

 

„Според тоа, регионалните планери препорачаа во програмирањето на развојот на активностите што имаат најголемо влијание врз распределбата на населението (трудоинтензивна лесна индустрија, транспорт, складишта и сервиси, продавници, канцеларии и техничко образование), надлежните власти во иднина ќе треба да ја одредат нивната локација со повикување на целосно разработен физички план, вклучувајќи ги генералните планови за контрола на користење на земјиштето и комуникациите во сите главни субрегионални и окружни центри“ е напишано во делото „Skopje Resurgent“.

 

Како резултат на сите овие предлози, главниот град со непосредната околија веќе во 1981 година би требало да има околу 10% од вкупниот број на населението на целиот Скопски регион. Притоа, Скопскиот подрегион би требало да има позначителен раст на населението од самиот град. За разлика од околијата на Скопје, којашто не би требало да има повеќе од 440.000 жители до 1981 година, подрегионот забрзано би го зголемувал бројот на жители од 668.800 во 1964 година на вкупно 941.000 жители во 1981 година.

 

За жал, поголемиот дел од она што е предложено во Регионалниот план за град Скопје е неостварено од денешна перспектива. Збигњев Галперун, како директно инволвиран во планирањето и Мациеј Циборовски, како син на урбанистот Адолф Циборовски, во одделните интервјуа посочуваат дека македонските урбанисти и архитекти немале доволно искуство, поаѓајќи од фактот дека токму тогаш се образовале првите генерации на професионалци. „Во тоа време, речиси и да немаше македонски архитекти и урбанисти. Тие веќе беа во процес на обука. Тие учеа многу и научија брзо за време на целата работа“ вели Мациеј Циборовски. Но, заедно со недоволното искуство на овдешните професионалци и одговорноста на официјалните власти, неспроведувањето на голем дел од Регионалниот план за град Скопје можеби е и делумна одговорност на самите полски урбанисти.

 

Во поглед на денешниот развој на Скопје и опаѓањето на значењето на околните градови, Збигњев Галперун дава кратко објаснување. „Мислам дека тоа е природен резултат на развојот и атрактивноста на самиот град. Најверојатно, ние не анализиравме соодветно дека самиот град би можел да биде атрактивен за луѓето на начин што бројката на жители ќе расте толку брзо“ вели Галперун. Тој додава: „Градовите од типот на Варшава и Скопје се поатрактивни, бидејќи тие нудат многу повеќе можности за луѓето“. За на крај, економистот Збигњев Галперун да поентира: „Но, јас мислам дека треба да им биде дадена шанса за развој на овие градови (н.з. Тетово, Куманово и Велес) и да се преземат одредени иницијативи за тие да постанат попримамливи“.

 

 

(Во наредното продолжение: „Планот за приградската зона на Скопје – основа за рамномерен развој на главниот град“) 

 

 

Фељтонот за инволвираноста на Полска во постземјотресната обнова на Скопје е резултат на спроведеното истражување во Република Полска, коешто се реализираше со несебична помош на Меѓународниот културен центар од Краков и Министерството за култура и национално наследство на Република Полска. Авторот Бојан Блажевски беше овогодишен стипендист на стипендијата Thesaurus Poloniae.