Претходна статија
ФОТО ВЕСТ: Забрзано се гради новото основно училиште во Капиштец
Следна статија
Жителите на Дебар Маало бараат да сопре издавањето градежни дозволи за оваа населба

ЕУ со неповратни средства ја поддржа изградбата на експресниот пат Градско – Прилеп

Објавено на 24.08.2017 во категорија Вести.

 

Нова неповратна финансиска помош од Европската Унија (ЕУ) за нашата земја. Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески денеска информираше дека се обезбедени 35,4 милиони евра за изградба на делницата Дреново – Градско од експресниот пат Прилеп – Градско. Надлежното министерство веќе го потпишало Билатералниот договор со ЕУ. „Со овој чекор Министерството за транспорт и врски, онака како што ветивме, ги обезбеди сите неопходни услови, во зацртаниот рок, да ја заврши оваа исклучително важна делница“ изјави министерот Сугарески на денешната прес-конференција.

Тендерот за избор на изведувач за делницата Дреново – Градско е во завршна фаза, а од надлежното министерство очекуваат до крајот на овој месец да се потпише договорот. Неповратната финансиска помош од ЕУ ќе значи сигурна изведба на првата фаза од проектот за реализација на експресниот пат Прилеп – Градско. Делницата е со должина од 15 километри. Градежните работи на делницата Дреново – Градско ќе започнат до крајот на 2017 година. Проектот е планирано да се комплетира во рок од две години.

 

Втората фаза од експресниот пат Прилеп – Градско веќе се гради. Министерот Горан Сугарески спомена дека се работи секојдневно за надминување на настанатите проблеми констатирани од изведувачот на делницата од Фаришка до Дреновска клисура. Министерството за транспорт и врски е во напредни преговори за обезбедување на дополнителни средства од ЕУ во однос на изградбата на третата фаза, на потегот од Тројаци до Плетвар. „Очекуваме некаде крајот на 2019, почетокот на 2020 година да имаме комплетно нов експресен пат од Градско до Прилеп“ вели министерот Сугарески.

 

Тој дополни дека Европската Унија во рамките на Секторската оперативна програма за транспорт 2014 – 2020 година издвоила вкупно 108,9 милиони евра за подобрување на патната и железничката инфраструктура во земјава. Дури 60 милиони евра од овие средства ќе бидат насочени кон пругата Крива Паланка – Деве Баир. Останатите средства е предвидено да се распределат за други инфраструктурни проекти во земјава.