Претходна статија
Општина Карпош менува азбестни покриви на станбените згради
Следна статија
И во Кавадарци ќе се изведуваат енергетско ефикасни фасади на колективните згради

„Емпорио Мол“ предизвика судир меѓу СДСМ и општина Ѓорче Петров

Објавено на 13.03.2017 во категорија Вести.

 

Портпаролот на СДСМ Петре Шилегов на денешната прес-конференција објави детали од изградбата на деловниот простор „Емпорио Мол“ во скопската општина Ѓорче Петров. Тој истакна дека првичниот проект предвидувал изградба на деловен објект од 15.000 метри квадратни, од кои што, во најголем дел – 11.400 метри квадратни биле наменети за деловни простории за самиот инвеститор – фирмата „Трансмет“ во сопственост на Сеад Кочан. Наспроти тоа, локалната власт на ВМРО-ДПМНЕ дозволува зголемување на вкупната квадратура на објектот на 30.000 метри квадратни.

 

 

„Власта на ВМРО-ДПМНЕ во општина Ѓорче Петров прави измена на ДУП и му овозможи на „Трансмет“ нови 15.000 квадратни метри деловен простор. Предвидените 3.600 метри квадратни за општината остануваат непроменети“ посочи Петре Шилегов. Тој дополни дека граѓаните биле излажани, додека законите изиграни. Наместо инвеститорот да добие 25 % од целиот комплекс, согласно договорот, општината и државата сега имаат двојно помалку простор, додека просториите наменети за Сеад Кочан двојно пораснале. Од СДСМ дополнуваат дека со извршените промени објектот на Кочан и на „Трансмет“ добил попуст од дури 40% на комуналиите.

 

Од општина Ѓорче Петров денеска излегоа со реакција дека изјавата на Петре Шилегов е невистинита, тенденциозна и злонамерна. Локалната самоуправа тврди дека инвеститорот гради во согласност со потпишаниот договор од 2013 година, со кој се предвидува изградба на објект од 15.000 метри квадратни. Општина Ѓорче Петров го повика Шилегов да изврши увид во сите документи што се однесуваат на изградбата на „Емпорио Мол“.

 

„Општината за изградба на општинската зграда не учествува со финансиски средства туку со градежното земјиште кое е во сопственост на Република Македонија и општината го ослободува приватниот партнер од надоместокот за уредување на градежно земјиште во висина од 40 отсто, односно тоа е делот од надоместокот за уредување на градежно земјиште што и припаѓа на општината“ велат од локалната самоуправа.