Претходна статија
Хил интернешнл и ЕЖИС ќе го вршат надзорот над изградбата на патот Градско - Дреново
Следна статија
665 нови станови добиле одобрение за градење во септември

ЕЛЕМ сака модерна фасада на заедничкиот објект со ЕВН

Објавено на 09.11.2017 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Ќе видиме ли барем делумно спречување на „барокизацијата“ на објектите од Модерната во Скопје? Генералниот директор на ЕЛЕМ, Драган Миновски во интервју за агенцијата „МИА“ посочува дека сака да го заврши проектот за реконструкција на фасадата на седиштето на ЕЛЕМ и ЕВН во центарот на Скопје. „Нашата намера е заедно со ЕВН да ги разгледаме сите можности што ни стојат на располагање, вклучувајќи ја и идејата да се пренасочиме кон енергетски ефикасна и безбедна фасада, со модерен изглед“ изјави директорот Миновски. Застојот во градежните работи се појавил поради недоразбирањето меѓу инвеститорот и изведувачот околу употребата на огноотпорни материјали за фасадата.

 

*Стаклената фасада на објектот пред менувањето на нејзиниот изглед

 

Препознатливото стаклено здание на ЕЛЕМ и ЕВН во центарот на Скопје е еден од најконтроверзните зафати од проектот „Скопје 2014“. Од тогашната улога на опозиционер, сегашниот премиер Зоран Заев во март 2015 година објави аудио снимки со кои се обелодени дека некогашниот премиер Никола Груевски барал од тогашниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески да потпише документ за изработка на „барокна“ фасада на ова модернистичко здание.

 

Модернистичкото здание, во кое се сместени ЕЛЕМ и ЕВН, на времето ја претставувало првата стаклена фасада изведена на територијата на Република Македонија. Објектот е изграден во 1962 година, а негов автор е познатиот белградски архитект Бранко Петричиќ. Овој автор фигурира како творец на познатото здание Дом на синдикати во строгиот центар на Белград, но и коавтор на Генералниот урбанистички план за Нов Белград. Петричиќ го учел архитектонскиот занает во атељето на светскиот авторитет Ле Корбизје. Зградата на ЕЛЕМ и ЕВН е неговото единствено творечко дело во македонската метропола. Некои критичари ја споредуваат оваа зграда со архитектонската убавина на седиштето на Обединетите Нации во Њујорк.

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.mk