Претходна статија
Библиотеката на Музејот на современа уметност отворена за читатели
Следна статија
Се редат неуспешни тендери за училишен затворен базен во Карпош

Еколозите и власта со спротивставени гледишта за мисијата на УНЕСКО во Охрид

Објавено на 19.04.2017 во категорија Вести.

 

Еколошките организации предупредуваат за последиците, додека властите смируваат по посетата на тричлената мисија на УНЕСКО на Охридскиот регион. Граѓанската иницијатива Ohrid SOS, заедно со Центарот за истражување и информирање за животната средина Е.Д.Е.Н. и Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“, во заедничко соопштение посочуваат дека останува опасноста од Охрид да биде префрлен на Листата на загрозено наследство, како чекор кон целосно бришење од листата на светско културно и природно богатство на УНЕСКО.

 

 

„Реактивната мисија на УНЕСКО е најригорозниот инструмент кој постои во рамки на институцијата. Наспроти наративот кој го презентираат македонските институции, мисијата не е овде за да дава забелешки, туку за да собира информации. Извештајот во кој тие ќе ги вклучат своите забелешки ќе биде готов за 8 недели од сега. Врз основа на тој извештај ќе се реши дали регионот ќе биде преместен на Листата на загрозено наследство или не“ истакна Драгана Велковска од Е.Д.Е.Н. по минатонеделната средба со членовите на мисијата на УНЕСКО.

 

Еколозите информираат дека државата им доставила извештај за статусот на конзервација на доброто и за чекорите преземени врз основа на веќе испорачаните препораки од УНЕСКО во изминатиов период. Од друга страна, охридскиот градоначалник Никола Бакрачески ги обвини еколошките организации дека намерно шират паника и невистини околу можното симнување на Охрид од листата на светските вредности и реткости на УНЕСКО. Градоначалникот обвини дека еколозите од петни жили се борат се борат Охрид да го изгуби статусот на заштитен град на УНЕСКО.

 

Ања Сидоренко како член на мисијата на УНЕСКО минатата недела изјави дека УНЕСКО досега не ја разгледувал можноста Охрид да биде избришан од листата на заштитени природни и културни богатства. Сепак, претставничката не негираше дека вршат увид за да утврдат во кој степен се почитуваат досегашните препораки дадени од УНЕСКО. Истовремено, Сидоренко тогаш потврди дека извештајот ќе заврши пред комитетот на УНЕСКО што треба во јули годинава да се состане во Краков.