Претходна статија
Објавени резултатите од Конкурсот за изгледот на градскиот парк во Кочани
Следна статија
Со европски пари ќе се гради пречистителната станица за отпадни води во Скопје

Екологистите бараат Македонија да престане со употреба на фосилните горива

Објавено на 27.10.2017 во категорија Вести.

 

Неопходно е да се иницира дискусија за декарбонизација на Република Македонија најдоцна до 2050 година, велат екологистите од „Еко-свест“. Ова здружение денеска организираше работилница на тема „Визија за декарбонизација на Република Македонија – енергетско сценарио за Македонија 2050“. „Ние имаме должност да престанеме со употребата на фосилни горива и да не ги повторуваме грешките што ги направиле другите членки на Европската унија. Македонија има огромен потенцијал за употреба на обновливи извори и зелени работни места“ изјави Ана Чоловиќ Лешоска од „Еко-свест“.

 

 

Во моментов се изготвува студија и сценарио за декарбонизација на нашата земја во наредните три и пол децении. Јасмина Саид, проектен координатор во „Еко-свест“ за проектот „Зајакнување на граѓанското општество за застапување за транзиција кон одржлива енергија“ посочи дека Македонија увезува околу 50% од потребните енергенти. „Производството на енергија до 2035 година останува базирано на јаглен, а 85-90% од емисиите на сулфур диоксид во Македонија доаѓаат од термоелектраните во Битола и Осломеј“ изјави Јасмина Саид од „Еко-свест“.

 

Енергетското сценарио за премин кон обновливи извори покажува дека се потребни агресивни кампањи за зголемување на свеста со цел да се овозможи промена на ставовите во однос на тоа дека фосилните горива се единствената опција за земјава. Актуелниот проект што го спроведува „Еко-свест“ е во рамките на мрежата INFORSE Europe, а истиот е финансиски поддржан од „CISU – Civil Society in development“.