Претходна статија
Потпишан договорот за изградба на нова градинка во Шуто Оризари
Следна статија
„Скопје 2014“ се градело, обврските за плаќање оставени на новата влада

Две причини го кочат пуштањето во употреба на автопатот Демир Капија – Смоквица

Објавено на 20.07.2017 во категорија Вести.

 

Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески денеска посочи две причини поради кои се одолговлекува пуштањето во употреба на автопатот Демир Капија – Смоквица. Изградбата на контролниот центар за оваа автопатска делница во Неготино и дислокацијата на 400 киловолтниот далновод од самата траса се кочи поради доставувањето на некомплетна документација од Јавното претпријатие за државни патишта и од МЕПСО. „Апсолутно не станува збор за две банални, туку за две сериозни причини“ вели министерот Сугарески.

 

* Автопатот Демир Капија – Смоквица (обележан со жолта боја) и стариот пат којшто ќе остане единствена опција барем до декември (обележан со црвена боја).

 

Тој денеска повторно побара од двете претпријатија да ја достават комплетната документација, со цел надлежното министерство да го издаде неопходното одобрение за градење. Ако до крајот на месецот се постапи соодветно од Јавното претпријатие за државни патишта и од МЕПСО, тогаш автопатот ќе биде ставен во функција до 10 декември. Реакцијата на министерот Горан Сугарески доаѓа по обвинувањата на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ дека од банални причини има застој во изградбата на автопатот Демир Капија – Смоквица.

 

Автопатот со должина од 28,2 километри требаше да биде отворен за сообраќај уште во септември 2016 година. Градежните работи на терен ги изведува грчката фирма „Актор“, додека надзорот го врши француската компанија „ЕЖИС“.

 

 

» Форумска дискусија за овој проект