Претходна статија
Архитектите бараат „Гласност“ од владата за новиот Универзитетски клинички центар
Следна статија
Поништено е одобрението за градење на Шпанските скали

Државата ќе плаќа и до 50% од трошоците за купување печки на пелети

Објавено на 11.02.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Паралелно со Градот Скопје и Општина Битола, македонската влада од оваа година ќе ги субвенционира трошоците за купување печки за пелети на ниво на целата држава. Министерството за економија го објави огласот за надоместување на дел од трошоците за купување на овие грејни тела во македонските домаќинства. По купувањето на печката за пелети, граѓаните ќе имаат можност да достават барање за надоместување на 50% од трошоците, но не повеќе од 500 евра по домаќинство. Доделувањето на субвенциите ќе се одвива по принципот „прв дојден прв услужен“ и ќе трае до исцрпување на планираните финансиски средства.

 

Владата за оваа намена одвои 14 милиони денари од државниот буџет. Јавниот оглас трае до 31 август 2018 година, односно до исцрпување на проектираните средства за субвенционирање. Заинтересираните граѓани ќе треба да достават пополнето барање за надоместување на дел од трошоците, доказ дека е извршено купување на печка за пелети (фискална сметка или фактура) и изјава заверена на нотар дека досега немаат искористено средства од државниот буџет за оваа намена. Пријавите од домаќинствата треба да се достават до Министерството за економија.

 

Поднесените барања од граѓаните ќе бидат разгледани од посебна комисија формирана од министерот за економија, која што е должна да ја утврди исполнетоста на условите за надоместување на дел од трошоците за купување на печки за пелети. Листата на граѓани коишто ги исполниле условите за добивање субвенции ќе бидат објавени најдоцна до 31 октомври. Од Министерството за економија велат дека главната цел на овој проект е да се стимулира користењето на обновливи извори на енергија за затоплување на македонските домаќинства.

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.mk