Претходна статија
СДСМ прашува до каде е топлификацијата во Битола
Следна статија
1,7 милиони евра за водоводот во Гевгелија

Државата ќе гради и реконструира три експресни и 40 регионални патишта

Објавено на 14.02.2017 во категорија Вести.

 

Со средства од државниот буџет и од странски кредитни задолжувања годинава ќе се градат три нови експресни патишта и ќе се реконструираат 40 регионални патни правци. Министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски на денешната прес-конференција рече дека експресните патишта ќе бидат со должина од над 100 километри и претставуваат инвестиција од околу 250 милиони евра. „Со истото темпо продолжуваме со изградба и реконструкција на преку 200 километри автопатска мрежа во Република Македонија. Годинава дополнително ќе отпочнеме со реконструкција на две нови автопатски делници“ најави министерот Мисајловски.

 

 

Државата очекува дека годинава ќе заврши изградбата на автопатот Демир Капија – Смоквица, додека автопатските делници Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид ќе бидат готови во 2018 година. До крајот на годинава треба да заврши реконструкцијата на автопатиштата Смоквица-Гевгелија и Куманово – Миладиновци. Министерот Владо Мисајловски најави дека реконструкцијата на автопатот Неготино – Демир Капија е предвидено да заврши до 2018 година. Во 2017 година ќе отпочне санацијата на делниците Велес – Градско и Скопје – Куманово со финансиски средства обезбедени од европските ИПА фондови.

 

Од надлежното министерство информираат дека во 2017 година ќе почнат да се градат експресните патишта Штип – Кочани, Штип – Радовиш и Ранковце – Крива Паланка, како и делницата Градско – Дреново од патот Градско – Прилеп. На денешната прес-конференција со своја реакција излегоа од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), кои велат дека нивната влада ќе инвестира 600 милиони евра во нови патишта.

 

„Владо Мисајловски и ВМРО-ДПМНЕ треба да знаат дека лажните вести одамна не им минуваат. Доколку навистина се грижеа за граѓаните тие имаа десет години на располагање за да изградат модерни автопатишта“ се наведува во соопштението на СДСМ.