Претходна статија
Владата бара проекти за ентериерно уредување на 14 деловни простории
Следна статија
Започнува реконструкцијата на „Северниот булевар“ во Кавадарци

ДОНИРАНИТЕ ОБЈЕКТИ ЗА СКОПЈЕ ПО ЗЕМЈОТРЕСОТ: Универзална сала на бугарските архитекти Станкови

Објавено на 13.09.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Меѓународната солидарност кон жителите на Скопје по земјотресот може на најсликовит начин да се увиди од заедничката помош на целиот свет дадена при изградбата на Универзалната сала. Ова културно здание е вистински симбол на солидарноста со донираните средства од 35 земји низ целиот свет и од странските туристи што ја посетиле Југославија, се наведува во книгата „Скопје – град на солидарноста“. Историјата вели дека сè започнало кога Дирекцијата за комунална и станбена изградба на Скопје по земјотресот ја донела одлуката за изградба на овој објект.

 

*Списокот со 35 земји – донатори на средства за изградба на Универзалната сала објавен во „Скопје – град на солидарноста“

 

Со подарените средства од целиот свет е купена постојната монтажна зграда од бугарската компанија „Техноекспортстрој“ на 11 јули 1964 година. Проектот за ова здание е изработен од бугарските архитекти Јарослав, Љубомир и Владимир Станкови и сестра им К. Станкова – Мутафова. Всушност, Универзалната сала во Скопје е копија на зградата на софискиот државен циркус, основан на 1 февруари 1957 година. Циркусот во 1962 година се сместил во новата зграда на бугарските архитекти Станкови, додека тамошните официјални власти по земјотресот се одлучиле копија од проектот за оваа зграда да ја предадат на македонскиот главен град.

 

Изнесените податоци од Град Скопје велат дека Универзалната сала започнала со работа на 1 јануари 1966 година. Сепак, архивскиот материјал на весникот „Нова Македонија“ не може да го потврди овој датум, поаѓајќи од фактот дека не е објавен ниту еден текст по повод пуштањето во употреба на објектот во овој временски период. Вредно е да се спомене дека идентичната зграда на Универзалната сала во Софија изгорела во пожар во 1983 година, а спомените за ова здание и по три и пол децении виреат во сеќавањата на жителите од бугарската метропола.

 

Објектот на Универзалната сала во Скопје бил изграден на градежна парцела од 6.475 метри квадратни. Тој се состои од голема сала со капацитет од 1.500 седишта и мала сцена што може да прими до 300 посетители. Реконструкцијата на ентериерот и на екстериерот бил извршена неколку пати низ нејзиното постоење, но за последен пат била темелно реновирана во 1978 година. Архитектката Мимоза Несторова – Томиќ го предводела преуредувањето на ентериерот на овој културен објект.

Како што има изјавено Мимоза Несторова – Томиќ во едно од своите интервјуа, дотогашниот аудиториум од дрвена конструкција бил заменет со бетонска конструкција. Поставени биле нови седишта и се интервенирало во сценскиот простор. Од крајот на 70 – тите години до денешен ден, Универзалната сала претрпела минорни санациони зафати, што доведе до тоа објектот да пропаѓа и да се појават проблеми со протекување на кровот. Ова здание беше затворено за одржување настани во март 2015 година.

 

Монтажниот објект од челична конструкција во скопско Дебар Маало го очекува темелна реконструкција во 2019 година. Препознатливата функционалност и сегменти од оригиналниот надворешен лик на објектот ќе бидат задржани и во идниот изглед на ова здание – симбол на меѓународната солидарност.

 

 

Текст, фотографии и обработка на архива: Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.mk