Претходна статија
Македонија лани инвестирала 113,2 милиони евра во заштита на животната средина
Следна статија
Отворена нова делница од булеварот „Христијан Тодоровски Карпош“

ДОНИРАНИТЕ ОБЈЕКТИ ЗА СКОПЈЕ ПО ЗЕМЈОТРЕСОТ: Трите станбени кули во Тафталиџе на романскиот архитект Фокша Паул

Објавено на 09.09.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Република Романија по скопскиот земјотрес од 1963 година донирала три станбени згради за жителите на македонскиот главен град. Популарно наречените романски кули се лоцирани во населбата Тафталиџе, која што по земјотресот во најголем дел била изградена од бараки и останати објекти донирани од целиот свет. Елегантните солитери биле проектирани од романскиот архитект Фокша Паул, се наведува во книгата „Градителите во Македонија XVIII – XX век“ на професорот Георги Константиновски.

 

*Пуштањето во употреба на трите романски кули се одржало на 11 април 1965 година

 

Приказната за изградбата на романските згради во скопско Тафталиџе започнува со изразувањето желба на Владата на НР Романија да донира нови домови од цврста градба за жителите на Скопје. Романската делегација на 20 октомври 1963 година допатувала во Скопје за да ги осознае конкретните услови за изведба на планираните објекти во нашата метропола. Покрај трите станбени кули, Романија го донирала и објектот на поликлиниката „Букурешт“.

Како што е запишано во книгата „Скопје – град на солидарноста“, свеченото пуштање во употреба на трите романски кули се одржало на 11 април 1965 година. На овој настан присуствувале романскиот амбасадор во Југославија, Аурел Малнашан и Благој Попов, претседател на Градското собрание на Скопје. Подарените станбени објекти располагале со 102 стана, од кои 74 двособни, 25 трисобни и 3 четирисобни стана. Романските кули во Тафталиџе се едни од првите асеизмички објекти во Скопје осигурени на потрес од 9 степени.

 

*Весникот „Нова Македонија“ детално информирал за текот на изградбата на донираните објекти од Романија

 

„Заедно со големата материјална помош, што ја пружи Република Романија веднаш по катастрофата, овие објекти ќе претставуваат траен паметник на братска солидарност и љубов што ги сврзува нашите народи“ ќе истакне Благој Попов, претседател на Градското собрание на Скопје. Трите романски кули од населбата Тафталиџе и по 53 години од нивното пуштање во употреба се користат за домување на неколку стотици жители на овој град. Пред неколку години, Општина Карпош ги реконструираше фасадите на овие станбени згради.

 

 

Текст, фотографии и обработка на архива: Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.mk