Претходна статија
Започна со работа новата автобуска станица во Охрид
Следна статија
Во Пехчево се продаваат пет парцели за изградба на нови објекти

ДОНИРАНИТЕ ОБЈЕКТИ ЗА СКОПЈЕ ПО ЗЕМЈОТРЕСОТ: Средното хемиско училиште „Марија Кири Склодовска“ на полскиот архитект Јан Зданович

Објавено на 26.06.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Средното хемиско училиште „Марија Кири Склодовска“ започнало со работа на 1 септември 1969 година. Ова образовно здание од скопската населба Аеродром е донирано од Владата на НР Полска по скопскиот земјотрес. Станува збор за едно од двете средни училишта што биле изградени на територијата на скопската општина Аеродром. Зад архитектонскиот дизајн на застакленото здание е потпишан варшавскиот архитект Јан Зданович, се наведува во трудот „Музејот на современа уметност во Скопје и потенцијалот на изложбениот простор“ на полската историчарка на уметност Александра Кеџиорек.

 

*Весникот „Нова Македонија“ известувал на своите насловни страници за донираните објекти од Полска по скопскиот земјотрес

 

Јан Зданович е еден од најпознатите варшавски архитекти од втората половина на дваесеттиот век. Негово монументално дело е кулата „Оксфорд“ (поранешна „Електрим“) во центарот на Варшава, која што била една од првите небодери изградени во полскиот главен град. Изведена е во периодот од 1975 до 1978 година, а зад изработениот дизајн на оваа кула стои тим од пет полски архитекти, вклучувајќи го и Јан Зданович. Во моментот на нејзината изградба, кулата „Оксфорд“ била втората највисока зграда на територијата на Полска, веднаш по Палатата на културата и науката.

 

*Хотелот „Мериот“ и кулата „Оксфорд“ во негова позадина во центарот на Варшава

 

Кулата „Оксфорд“ е изградена во центарот на Варшава за да се намали доминацијата на осамената сталинистичка градба – Палатата на културата и науката од 50 – тите години на XX век. Од нејзиното основање до денес, во оваа висококатница се сместени канцелариите на десетици полски и меѓународни компании. Заедно со издигнувањето на останатите кули лоцирани околу главната железничка станица, се формирал посебен финансиски и економски кварт во срцето на Варшава. Покрај кулата „Оксфорд“, Јан Зданович е автор на стоковната куќа „Феникс“ во Варшава, седиштето на Унгарската стопанска комора во Варшава и на неколку станбени згради во полската метропола.

 

Јан Зданович го проширил својот професионален опус со проектирањето десетина згради во полскиот главен град. Со право може да се нарече дека е варшавски архитект, земајќи го предвид и податокот дека дипломирал на Архитектонскиот факултет во Варшава. Во текот на својата кариера се стекнал и со звањето доктор по технички науки. Добитник е на архитектонски награди за реализирани објекти во Варшава. Јан Зданович како кадетски офицер бил член на полската Армија Крајова, која што се бореше против нацистичкиот окупатор за време на Втората светска војна.

 

Средното хемиско училиште „Марија Кири Склодовска“ во Скопје е едно од ретките архитектонски творби  коишто Зданович ги реализирал надвор од Варшава. Објектот на ова скопско средно училиште има капацитет да прими 830 ученици што изучуваат гимназиско и стручно образование. Како резултат на фактот што станува збор за хемиско стручно училиште, скопските власти се одлучиле него да го именуваат по познатата полска хемичарка и физичарка Марија Кири Склодовска, што претставувало израз на благодарност на граѓаните на Скопје за донираниот објект од Полска.

Средното хемиско училиште „Марија Кири Склодовска“ се издигнало на градежно земјиште со површина од 16.509 метри квадратни. Донираниот објект од Полска има површина од 4.529 метри квадратни, со училници и лаборатории што се простираат на приземје и два ката. Покрај гимназиска настава, во ова средно училиште се изучува средно стручно образование за хемиско – технолошки техничар, произведувач на хемиски и козметички производи, производно процесен техничар, техничар за очна оптика, фармацевтско лаборантен техничар и медицинско лаборантен техничар.

*Полското државно и политичко раководство лично се уверило во важноста на донираната помош од Полска за постземјотресно Скопје

 

 

Текст, фото и обработка на архива: Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.mk