Претходна статија
Ќе се гради нов парк зад објектот на Македонската филхармонија
Следна статија
Скопски „Бетон“ со добивка од над 21,2 милиони денари во периодот јануари - јуни 2018 година

ДОНИРАНИТЕ ОБЈЕКТИ ЗА СКОПЈЕ ПО ЗЕМЈОТРЕСОТ: ОУ „Јан Амос Коменски“ на чешкиот архитект Јиндрих Форст

Објавено на 31.08.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Владата на Чехословачка по скопскиот земјотрес од 1963 година го донирала објектот на основното училиште „Јан Амос Коменски“ во населбата Тафталиџе. Ова некогашно здание претставувало монтажен објект што бил свечено пуштен во употреба на 27 април 1964 година. Како израз на благодарност кон чехословачката влада и народ за подареното образовно здание, скопските власти се одлучиле да го именуваат ова училиште по познатиот чешки педагог и свештеник од XVII век – Јан Амос Коменски.

 

*Извор на фотографија: Википедија, Државен архив на Република Македонија. 

 

Чехословачката Социјалистичка Република (ЧССР) била една од земјите што испратиле значајна помош за разурнатиот град. Покрај овој училишен објект, ЧССР го донирала некогашниот објект на Гинекологија „Чаир“, но и бараки за домување на жителите од Скопје, се вели во книгата „Скопје – град на солидарноста“. Приказната за изградбата на ОУ „Јан Амос Коменски“ започнува во моментот кога чехословачката влада веднаш по земјотресот ја донела одлуката за да дарува нов училишен објект за македонскиот главен град.

 

Монтажниот објект на училиштето „Јан Амос Коменски“ бил проектиран од чешкиот архитект Јиндрих Форст, се наведува во книгата „Градителите во Македонија XVIII-XX век“ на професор Георги Константиновски. Во неговата книга тој ќе запише дека архитект Јиндрих Форст со својот творечки опус е несомнен претставник на функционализмот. Овој архитект од Прага бил препознатлив автор на неколку реализирани дела од периодот на социјалистичкиот модернизам во Чехословачка, меѓу кои е и експерименталната школа во чешкиот град Пардубице.

По речиси четири и пол децении од неговата изградба, ОУ „Јан Амос Коменски“ во учебната 2008/2009 година се префрли во новиот училишен објект изграден на местото на некогашните бараки донирани од Чехословачка. Објектот денес се простира на површина од околу 4.100 метри квадратни и располага со кабинети, училници, библиотека, кујна и трпезарија, коишто можат да примат над 650 ученици.

 

 

Текст, фотографии и обработка на архива: Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.mk