Претходна статија
Прилеп ќе купува нови автобуси за градскиот превоз
Следна статија
Во еден ден се потрошија субвенциите за енергетско ефикасни грејни тела во Кавадарци

ДОНИРАНИТЕ ОБЈЕКТИ ЗА СКОПЈЕ ПО ЗЕМЈОТРЕСОТ: Музејот на современата уметност на варшавските „Тигри“

Објавено на 08.08.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Изградбата на новиот објект на Музејот на современата уметност во Скопје започнала на 5 април 1969 година. Камен – темелникот на ова културно здание го поставил Драгољуб Ставрев, претседател на Градскиот комитет на Сојузот на комунистите. Градежните работи на овој објект ги изведувала фирмата „Пелагонија“ од Скопје. Полската влада се одлучила да го подари проектот за новата зграда на Музејот на современата уметност, за која бил организиран Конкурс за избор на идејно решение во НР Полска. Ова здание на Скопското Кале било свечено пуштено во употреба на 13 ноември 1970 година.

 

*Весникот „Нова Македонија“ на насловната страница го објавува извештајот за почетокот на изградбата на Музејот на современата уметност во Скопје

 

Првичната замисла на полските власти била да го финансираат дизајнот на нова зграда што ќе служи како установа за култура во Скопје. Собранието на град Скопје ја донело одлуката Музејот на современата уметност да биде установата што ќе добие нова зграда дизајнирана со помош на Владата на Полска. Сугестија за избор на локацијата за ова здание ја дал полскиот урбанист Адолф Циборовски, кој бил назначен од Обединетите нации за проект менаџер што ја координирал изработката на Генералниот урбанистички план за град Скопје по земјотресот.

 

По ваквата одлука на Град Скопје, Сојузот на архитектите на Полска (САРП) во 1966 година го објавило Конкурсот за избор на идеен проект за Музејот на современата уметност во Скопје. На распишаниот Конкурс биле доставени 89 предлози за дизајнот на ова здание. На овој натпревар било избрано победничкото решение на варшавските „Тигри“ – тимот од тројца познати полски архитекти Вацлав Клишевски, Јежи Мокшињски и Еугењуш Вјежбицки. Како што се наведува во монографијата „Тигрите. Во тимот е силата. МСУ“, Варшавското биро за проектирање на општо градежништво во март 1968 година ја доставило крајната верзија на проектот за зградата на Музејот на современата уметност во Скопје.

Во објавените извештаи на весникот „Нова Македонија“ се појаснува дека за изградба на овој објект на Калето било предвидено да се вложат 12 милиони тогашни динари. Објектот било предвидено да се простира на површина од 5.428 метри квадратни. Потребата за изградба на еден ваков објект се јавил по донацијата на над 1.800 ликовни дела од уметници од над 30 земји. Меѓу нив, во збирката биле вклучени над 200 уметнички дела на 135 автори од Полска.

 

Објектот на Музејот на современата уметност бил изграден со најсовремените градежни технологии достапни во 60 – тите години од минатиот век, вклучувајќи ги системот за вентилација и системот за греење. По повод одбележувањето на 50 – годишнината од Скопската црвена општина и Денот на ослободувањето на Скопје – 13 ноември, Музејот на современата уметност бил свечено пуштен во употреба на 13 ноември 1970 година. Низ децениите што ќе следуваат, ова здание на Калето било во неколку наврати реконструирано.

 

*Пуштањето во употреба на Музејот на современата уметност – централен настан за време на одбележувањето на Денот на ослободувањето на Скопје во 1970 година

 

Последната позначајна санација на просториите била завршена во февруари 2014 година, кога биле обновени околу 1.500 метри квадратни од севкупниот простор со кој располага Музејот на современата уметност. Неговото свечено отворање се одржало на 22 февруари 2014 година со изложбената поставка „Солидарноста – недовршен проект“.

 

 

Текст, фотографии и обработка на архива: Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.mk