Претходна статија
Наместо автопат, кон Бугарија ќе градиме експресен пат
Следна статија
Почна санацијата на мостот „Гемиџии“ во Велес

До Бељаковце ќе се патува со воз најдоцна до 2016 година

Објавено на 02.03.2014 во категорија Вести.

По неколкумесечно доцнење, денеска започна реконструкцијата на железничката делница од Куманово до Бељаковце во должина од 30,8 километри. Со поставување на камен – темелник кај некогашниот симбол на пругата кон источниот сосед – Клечовскиот мост, се реактивираше проектот за железничко поврзување меѓу Македонија и Бугарија. Градежната оператива на германската компанија „Вибе“ во периодот до 2016 година треба да ги изведе неопходните активности за изградба на планираната едноколосечна пруга, три железнички станици, четири стојалишта, еден тунел, три мостови, меѓу кои и оној на реката Пчиња, осум подвозници и шест надвозници. Со зафатот е предвидена електрификација на пругата, поставување на кабелски водови, заштитни бариери и нови сигнални и телекомуникациски уреди. Проектната документација за оваа делница ја подготви австриската компанија ИЛФ.

 

#

 

 

Инвестицијата во овој проект е проценета на преку 50 милиони евра, а за нејзина реализација во 2012 година беше подигнат кредит во висина од 46,4 милиони евра од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР). Покрај остварувањето на првата фаза, во претстојниот период треба да се затвори финансиската конструкција за двете останати етапи со кои пругата треба да стигне до граничниот премин Деве Баир. Владата во моментов преговара со европските финансиски институции за изведба на делницата од Бељаковце до Крива Паланка во должина од 34 километри, за која се неопходни средства во висина од 145 милиони евра. Сепак, најголем предизвик за македонските власти ќе биде обезбедувањето финансии за сегментот од Крива Паланка до бугарската граница во должина од 24 километри, за кој се неопходни средства во износ од околу 360 милиони евра.

 

На денешната свеченост беа присутни премиерот Никола Груевски, вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, како и претставници на ЕБРД и на железничките компании. Изградбата на пругата кон Бугарија започна во 1994 година, а работите за нејзино завршување се прекинаа во 2004 година. До почетокот на 90-тите години, железницата редовно ги опслужуваше жителите на Бељаковце со патнички возови.