Претходна статија
Миле Димитровски е нов претседател на Комората на архитекти и инженери
Следна статија
Сергеј Самсоненко и општина Аеродром ќе градат тениски центар

До 1 февруари УНЕСКО ќе чека владин извештај за градежните проекти во Охрид

Објавено на 26.12.2016 во категорија Вести.

УНЕСКО и даде рок на македонската влада да испрати извештај до 1 февруари 2017 година за статусот на конзервација и за преземените чекори за спроведување на препораките во случај на потврдување на утврдена или потенцијална опасност за природните и културните добра на Охридскиот регион. Доколку владата остане глува на барањето на УНЕСКО, Охрид и Охридското езеро од наредната година можат да се најдат на листата на светско наследство во опасност на УНЕСКО. Тоа е само чекор до евентуално исфрлање на овој регион од листата на природно и културно светско богатство на УНЕСКО, која би можела да донесе катастрофални последици за развојот на туризмот и на животната средина во охридскиот регион.

 

 

Во наредниот период е можно од страна на УНЕСКО да биде испратена советодавна мисија која треба да и помогне на владата да ги отстрани сериозните забелешки кои беа наведени во заклучоците на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО донесени на последната седница одржана во Истанбул. Опасноста од губењето на статусот на заштитено подрачје се појави поради серијата на градителски проекти што ги иницираше државата и охридската локална самоуправа – изградба на ски-центар на Галичица, изградбата на експресен пат Охрид-Пештани, изградбата на автопатот и железничката пруга кон Албанија.

 

И додека УНЕСКО ги дава последните предупредувања, граѓаните на Охрид започнаа нова он-лајн петиција за сопирање на изградбата на хотел во заштитениот зелен појас во туристичката населба Лагадин. Во петицијата се бара од Општина Охрид да го повлече одобрението за изградба на хотелот во Лагадин. Во изминативе два дена од иницирање на петицијата се потпишале над 500 граѓани, а нивната бројка постојано расте. „Потпишете се и изразете ја својата поддршка против незаконското уништување на единствената УНЕСКО локација на територијата на РМ! Охрид не е за продавање“ се наведува во петицијата што ќе биде испратена до охридската локална самоуправа.