Претходна статија
Невладините остануваат против изградба на магистралниот гасовод на Водно
Следна статија
Со владина помош се градат улици и канализација во Волково и Кисела Јабука

Бунар без дно – нови 48 милиони денари за реконструкција на Албанскиот театар

Објавено на 23.08.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Наместо да се реконструира, со дополнителните договори ќе можеше да се изгради нова, втора зграда на Албанскиот театар. На 27 јули годинава бил склучен нов договор од над 48 милиони денари за довршување на реконструкцијата на објектот во Старата скопска чаршија. Со најновиот договор, вкупната сума на дополнителни и непредвидени работи за реконструкција, адаптација и санација на Албанскиот театар се искачи на над 118 милиони денари – сума што неодоливо потсетува на градбите од проектот „Скопје 2014“. Од самиот почетокот на зафатот во јануари 2014 година до денес за реконструкцијата на театарската зграда се потрошени 614.021.525 денари.

 

 

Самата театарска зграда се простира на површина од 4.309 метри квадратни, па оттука излегува дека со издвоените 10 милиони евра се издвоиле по 2.320 евра за изведба на секој метар квадратен. Иако ваква проценка е груба и не ја зема во предвид инсталираната опрема, се поставува прашањето до кога ќе расте вкупната сума за реконструкција на ова театарско здание. Според податоците објавени на Електронскиот систем за јавни набавки, дополнителните работи треба да се завршат најдоцна до 31 октомври годинава.

 

Најновиот договор е склучен поради потребата од изведба на посовремени технолошки решенија, поаѓајќи од фактот дека архитектонско-проектната техничка документација била изготвена во 2011 година. Станува збор за изведба на дополнителни позиции на сценската техника, кои веќе беа најавени и од министерот за култура Асаф Адеми. По завршувањето на реконструкцијата, објектот би имал две модерни театарски сали за одржување на претстави за публиката.

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.mk