Претходна статија
Турски „Мурат Тиџарет“ ќе гради фабрика за кабли во ТИРЗ „Скопје 2“
Следна статија
РЕПОРТАЖА: Нова Горица/Горица - нечуениот Берлински ѕид на Европа

Булеварот Трета Македонска бригада остана недовршен и по две години градење

Објавено на 01.12.2017 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Ќе ја доживее ли булеварот Трета Македонска бригада истата судбина како и булеварот Водњанска? И по повеќе од две години од почетокот на градежните работи, целосната траса во должина од 1.400 метри не е довршена. Единствена пречка во довршувањето на булеварскиот профил на оваа сообраќајница е рушењето на сервисот за миење возила, кој се наоѓа на среде лента на овој булевар. Поради овој објект, една лента од булеварскиот профил не е довршена на овој потег, ниту пак може да се догради средишната жардиниера, пешачката и велосипедската патека.

 

 

Од Град Скопје за „Билд“ денеска не сакаа да одговорат до каде е решавањето на спорот помеѓу градската администрација и сопственикот на изградениот објект. Ако не се најде решение за спорниот објект, многу веројатно е дека тој ќе продолжи да функционира на самата траса. Реконструкцијата и проширувањето на булеварот Трета Македонска бригада започна во септември 2015 година, но нејасно е како воопшто стартувале градежните работи без да се средат имотно – правните односи.

 

 

Недовршениот проект предвидува изведба на сообраќајница од булеварски профил, со четири коловозни ленти, зелен појас, велосипедски патеки и тротоар. Проширувањето на сообраќајницата е направено на потегот од крстосницата со улицата Васко Карангелески до улицата Никола Карев. Долж целата траса е поставена атмосферска канализација и ново улично осветлување. За овој проект се издвоија финансиски средства од 103,6 милиони денари.

 

 

Ако се доврши во целост, булеварот Трета Македонска бригада може да прерасне во алтернативен коридор на булеварот Јане Сандански за Општина Аеродром и да го намали постојниот сообраќаен метеж кај Транспортниот центар.

 

 

Текст, фото: Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.mk