Претходна статија
ФОТО ВЕСТ: Струшкиот Парк на поезијата во агонија
Следна статија
Втората фаза од изградбата на експресниот пат Градско-Прилеп ќе почне до крајот на годинава

Бројката на предвидени станови за градење се стабилизирала во текот на јули

Објавено на 07.09.2017 во категорија Вести.

 

По неколкумесечен константен раст, забележително намалување кај бројката на издадени одобренија за градење пред одржувањето на претстојните локални избори. Во текот на јули 2017 година биле издадени градежни дозволи за изградба на 210 станови, со вкупна корисна површина од 19.748 метри квадратни. Според Државниот завод за статистика, во извештајниот период е констатирано намалување на предвидените станови за градење од 70,5% во однос на идентичниот период лани. Деловните субјекти ја започнале постапката за изградба на 83 станови со површина од 5.059 метри квадратни, додека останатите живеалишта е планирано да ги градат физички лица.

 

 

Статистичарите регистрирале дека во јули годинава имало издадено најмногу одобренија за изградба на двособни (55) и четворособни станови (48). Скопскиот регион со 120 предвидени станови за градење доминирал во споредба со останатите македонски општини. Притоа, скопската општина Карпош во јули 2017 година ја одобрила изградбата на најголем дел од домовите – вкупно 74 предвидени станови.

 

Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека во јули 2017 година биле издадени 205 одобренија за градење, што е за 19,9% помалку во однос на истиот месец од претходната година. Предвидената вредност на објектите изнесува 1.554.923 илјади денари, што е за 55,1% помалку во споредба со идентичниот период лани. Од вкупниот број издадени одобренија за градење, 124 (60,5%) се наменети за објекти од високоградба, 24 (11,7%) за објекти од нискоградба и 57 (27,8%) за објекти за реконструкција. Од вкупно 205 објекти, на 134 (65,4%) како инвеститори се јавуваат физички лица, а на 71 (34,6%) објект инвеститори се деловни субјекти.

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.mk