Претходна статија
Грчки „Актор“ обвинет за перење на пари за автопатот Демир Капија - Смоквица
Следна статија
АДСДП со нови 60.000 евра за доградба на „барокниот“ објект кај МОБ

Богданци в недела на референдум за рудникот во Казандол

Објавено на 09.06.2017 во категорија Вести.

 

Жителите на општина Богданци во недела ќе имаат можност да се изјаснат околу изградбата на рудникот за катоден бакар во Казандол. Право на глас на 11 јуни ќе имаат околу 7.000 лица запишани во Избирачкиот список, а референдумското изјаснување е предвидено да се одржи на 12 избирачки места во општината. Граѓаните ќе може да се изјаснат дали се за да се стопира или не изградбата на рудникот во Казандол, но и ќе може да одговорат на прашањето за тоа дали би дозволиле експлоатација на било каква руда во иднина во границите на оваа општина.

 

 

За успешно спроведување на референдумот е неопходно на гласањето да излезат минимум половина плус еден од запишаните избирачи во Избирачкиот список во општина Богданци. Притоа, мнозинството од излезените граѓани треба да се одлучат за стопирање на изградбата на идниот рудник во Казандол. Во согласност со македонската легислатива, одлуката на граѓаните од референдумското изјаснување е дефинитивна, по што општинските власти ќе бидат приморани да ја спроведат.

 

Покрај во Богданци, на 18 јуни е закажан уште еден референдум во општина Дојран во однос на идентичното прашање. Граѓаните на Валандово во наредниот период исто така ќе ја имаат можноста да одлучуваат за ова прашање, поаѓајќи од фактот дека граѓанската иницијатива „Спас за Валандово“ веќе ги собра и ги достави неопходните 2.213 потписи за свикување на посакуваниот референдум.