Претходна статија
Благодетите што гипсот му ги нуди на современиот човек
Следна статија
Животот остава траги... Добро е што постои Ротбанд

Врвниот фудбал инспириран од прекрасната „Алијанц арена“

Објавено на 26.06.2012 во категорија Блог.

Од уникатниот дизајн на феноменалната архитектонска двојка Жак Херцог и Пјер де Меурон ја добива препознатливоста, спектакуларниот блесок во баварските ноќи го врежува во вечно сеќавање, од величествената големина се крепи желбата за да се погледне во живо, а врвната изградба вдахнува сигурност кај неговите посетители. На епитетите им нема крај кога се говори за стадионот на фудбалскиот клуб Баерн од Минхен. Атрактивното здание, домаќин на незаборавниот меч од овогодинешното финале на Лигата на шампиони помеѓу Баерн и Челзи, изградено е за потребите на Светското првенство во фудбал што се одржа во Германија во 2006 година. До денес е верен сопатник на моментите на радост и разочарувањe на фановите и играчите на најпознатиот германски фудбалски клуб.

 

Безвременската приказна за „Алијанц арена“ започна со публикувањето на футуристичкиот проект во текот на 2001 година, изработен од водечкиот архитектонски тандем Херцог – Де Меурон, творци на серија објекти значајни за светската архитектура. Неговата реалност се исцрта со поставувањето на темелите на зданието на 21 октомври 2002 година. Финалниот изглед го доби за нецели три години – свеченото отворање се оствари на 30 мај 2005 година. Целокупната сума вложена во изградбата на стадионот, облагородувањето на непосредната околина и во унапредувањето на инфраструктурата изнесуваше околу 500 милиони евра. Германската компанија Кнауф со своите висококвалитетни материјали се најде на листата на респектабилни глобални субјекти кои учествуваа во оформувањето на ова архитектонско ремек – дело.

 

 

Вработени на Кнауф за време на изградбата на арената (извор: knauf.com)Во тек на изградбата на арената (извор: knauf.com)Во тек на изградбата на арената

 

 

Архитектонската визија се водеше од две клучни димензии. Од една страна архитектите настојуваа да обмислат стадион што би им овозможил на 69.901 гледачи комфор и чувство на непосредност до самата игра на теренот, преку трибини на три нивоа. Покрај огромниот простор за навивачите, произлезе потребата да се осигураат посебни ложи за јавните личности, коментаторски седишта за новинарите, но и место за инвалидизираните лица. Од друга страна, идејата за структурата требаше да се приспособи на концептот за илуминација, односно осветлувањето на екстериерот да се менува во боите на двата фудбалски клуба кои се сопственици на стадионот – Баерн и Минхен 1860.

 

Магичната надворешна фасада е осмислена како огромно транслуцентно гнездо на површина од фантастични 66.500 метри квадратни, кое се состои од 2.784 ETFE (ethylene – tetraflourehtylene) панели со интегрирано осветлување од осум сијалици. Во форма на пластични перничиња, тие служат како визуелен предавател за проекции кои се ползуваат за да се прекрие стадионот во различни бои: црвена кога се натпреварува Баерн од Минхен, сина кога настапува Минхен 1860 и бела боја кога се одигруваат неутрални сценарија.

 

 

Илуминацијата е еден од најпрепознатливите белези на Алијанц аренатаИлуминацијата е еден од најпрепознатливите белези на Алијанц аренатаИлуминацијата е еден од најпрепознатливите белези на Алијанц арената

 

 

Во „Алијанц арена“ се употребија околу 230.000 метри квадратни од огромната палета на разни видови гипсени плочи на „Кнауф“, како и 60 тони завршен малтер од истиот производител. Покрај препознатливите продукти од гипс, во арената се вградија и 15.000 метри квадратни цементни плочи од оваа реномирана компанија.

 

Авангардната конструкција на објектот се базира на идејата за користење на материјали кои го сведуваат на минимум непотребното заземање на квадратура од страна на самите градежни материјали. Употребата на ѕидните системи на Кнауф успешно се вклопи во возбудливиот ентериер на стадионот. Гигантскиот гастрономски простор на површина од 6.500 метри квадратни, заедно со канцелариите, конференциските сали, делот за прес – конференции и ложите се целосно изведени со употреба на разновидните гипсени и цементни плочи на германскиот производител. Кнауф системите овозможија совршени решенија за софистицираните технички и дизајнерски барања.

 

 

Во внатрешноста опсежно се користени материјалите на КнауфВо внатрешноста опсежно се користени материјалите на КнауфВо внатрешноста опсежно се користени материјалите на Кнауф

 

 

Иновативните градежни материјали на Кнауф успешно одговорија на градителските предизвици. При самата изградба на стадионот, германската компанија успеа да развие 150 храбри решенија за спроведување на потребната вентилација, кабли и преостанатата инсталација. За изведба на коридорите во внатрешноста на стадионот се исползува Кнауф системот D131. Специјалните Knauf Fireboard плочи беа употребени за противпожарна заштита на локациите околу каналите за вентилација. Во ентериерот на спортската арена беа употребени 12.000 метри квадратни од противпожарните гипсени плочи Knauf GKFI, како и од цементните плочи Knauf Aquapanel во екстериерниот сегмент од стадионот, за заштита од атмосферски влијанија.

 

Возбудливиот концепт на „Алијанц арена“ во Минхен одигра клучна улога при иницирањето на кампањата „Give Space“ од страна на компанијата Кнауф. Стратегијата се заснова на глобална анализа на потребите и барањата на главната целна група: архитектите. Анализата откри дека нивниот најважен критериум при донесувањето одлука за материјалите е можноста за флексибилен дизајн и употреба во насока на одржливост, енергетска и финансиска ефикасност. Поради тоа, развиените брендови од компанијата Кнауф се идеални за архитектите кои се во потрага на начин за да ги реализираат нивните идеи во реалноста. Концептот „Give Space“ посветува грижливо внимание кон заштедата на енергија во процесите на планирање и изградба на објектите преку употреба на економичните материјали на Кнауф.

 

 

Поглед од птичја перспективаЗа време на натпреварНапречен пресек на трибина и на подтрибинскиот простор

 

 

Мислата водилка на двојката Херцог – Де Меурон при дизајнирањето на стадионот беше да се креира архитектонско парче што ќе ја прикаже драмата и емоцијата во фудбалската игра. Архитектите при осмислувањето на делото се насочија кон традиционалните англиски фудбалски стадиони, налик на оние од Манчестер и Ливерпул. Геометријата на внатрешноста и функционалноста на стадионот беа максимално координирани со замислата на авторите. Од извонредна важност при идејното оформување на објектот беше да се спојат барањата на посетителите со неопходната инфраструктура за спортските домаќини и нивните гости, како што се соблекувалните, просториите за одржување прес – конференции, продавниците и фан – шоповите, рестораните и конференциските сали. Ваквиот приод овозможи максимално да се одговори на изискувањата на посетителите, обезбеди лесен пристап со автомобил или јавен превоз, а вреди да се спомене и паркингот за 11.000 возила кој е најголем на територијата на Европа.

 

Приврзаноста кон „Алијанц арена“ од пребирливите Баварци ја докажуваат бројките на посетители за време на фудбалските натпревари. Баерн од Минхен ја има најверната публика во конкуренција на германските клубови, при настапувањето на домашен терен во Бундеслигата. Масовните медиуми го вбројуваат ова вонвременско здание на листата на најпрепознатливи и најзначајни градби создадени на територијата на Германија во текот на минатата деценија. Конечно, „Алијанц арена“ е избрана за омилен спортски центар на Германците. Компанијата Кнауф се гордее што претставуваше верен соработник во синџирот на субјекти кои учествуваа во изградбата на прекрасната спортска арена, која веќе влезе во аналите на историјата на светската архитектура.