Претходна статија
Реконструкција на ул. Димитар Влахов
Следна статија
Врвниот фудбал инспириран од прекрасната „Алијанц арена“

Благодетите што гипсот му ги нуди на современиот човек

Објавено на 05.06.2012 во категорија Блог.

Гипсот е природен минерал, чија историја започнува со неговото настанување пред 200 милиони години од океаните со солена вода кои покривале најголем дел од површината на Земјината топка. Нивното повлекување довело до формирање на т.н. внатрешни „мртви“ мориња, а континуираното испарување на водата довело до тоа овие мориња да станат посолени, при што сулфурните соли предизвикале создавање на разновидни материи, меѓу кои е и гипсот. Во природата може да се сретне како калциум сулфат дихидрат (CaSO4 x 2H2O), кој содржи кристална вода и како анхидрит (CaSO4), кој не содржи кристална вода и истовремено се карактеризира со висок степен на чистина. Со текот на настанокот на земјата, наслагите од гипс биле прекривани со други карпи или биле изложени на други геолошки влијанија со што ја изгубиле кристалната вода.

 

 

Гипсот како минералНеобични форми на гипсотГипсови форми од пустината Сахара

 

 

Постојат голем број наоѓалишта на Земјината топка во кои гипсот може да се сретне како рудно богатство. Само мал дел од нив се одликуваат како локации со совршена чистота на гипсот, меѓу кои е и рудникот Кнауф Радика лоциран во близината на Дебар. Рудното богатство е напластено плитко под земјата, најчесто во смеса со варовник или шкрилци. Бојата на гипсот најчесто е бела, сива или пак жолтеникава, а во поретки случаи може да биде обоен во црвени нијанси. Во рудниците за гипс се појавуваат раскошни кристали кои се развиени по страничниот пинакоид и притоа се плочести или игличести, издолжени по кристалографската оска. Се карактеризира со совршена цепливост, што овозможува олеснета експлоатација во индустријата.

 

Гипсот е еден од ретките материјали кои имаат огромна примена во различни индустриски дејности. Се употребува како додаток во прехранбената индустрија, но и во медицината, уметноста, земјоделството, фармацијата, козметиката и најмногу во градежништвото. Во лебот, како основна состојка во исхраната на човекот, гипсот е составен дел од квасецот кој се додава при неговото приготвување. Стручните истражувања досега не покажале несакани ефекти при неговото користење во храната, а истовремено не подлегнува на ниту една рестрикција во диети, ниту пак е ограничен од други причини во секојдневната човекова исхрана. Како минерал со потекло од природата, се применува како стабилизатор на прехранбените производи, поточно како средство за сврзување и стврднување. Покрај во лебот, најчесто го среќаваме во пивото, мармаладот и водата за пиење. Одобрен е како додаток во храната и на амбалажата на производите може да се сретне под кратенката Е 516.

 

 

Гипсот - состојка во леботГипсот - состојка на пивотоГипсот - редовна состојка во козметиката

 

 

Идентичната pH вредност како човековата кожа го прави гипсот идеален за примена во медицината. При скршеници, човековите екстремитети се обложуваат во гипс. Фармацевтите го употребуваат како состојка во некои од таблетите, во козметичката индустрија се користи за производство на пудра, паста за заби и маска за лице, додека пак стоматологијата уште од XVIII век го применува при поправката и изработката на човекови заби. Неговата примена е позната и во уметноста. Изработката на скулптури и споменици во уметничките ателјеа е незамислива без неговото ползување, идентично како декорирањето и изработувањето на сценографијата во театарот. Современиот човек го користи гипсот дури и во областа на земјоделството, како составен дел на вештачките ѓубрива, а признат е и во неутрализирањето и ревитализацијата на загадените почви.

 

И покрај широката примена во разновидни области од секојдневното живеење, луѓето најчесто го препознаваат гипсот како синоним за квалитетен градежен материјал. Тој започнал да се користи во градежништвото уште пред 11.000 години во древниот Јерихон, една од најстарите човечки населби во светот, каде изградените ѕидови и подови на зданијата биле направени од гипс. Кеопсовата пирамида во Египет и Палатата во Кносос на Крит се само мал сегмент од референтните објекти од светското културно наследство, во кои гипсот се употребувал како материјал за градење. Вековното ползување на овој минерал од страна на човекот при изградбата на зданија е поради неговите моќни перформанси: идентична pH вредност како човековата кожа, неутрален мирис, нежен кон кожата на луѓето, не овозможува развој на штетни супстанци за човековото здравје, а човековата околина ја облагородува преку топлите и пријатни простории, ниската топлинска спроводливост, пропустливоста на пареа и комфорната и избалансирана клима во просторот.

 

 

Древниот ЈерихонКеопсовата пирамидаПалатата во Кносос

 

 

Широката примена на гипсот во современото градежништво не е случајна. Гипсените материјали се карактеризираат со одлични градежно – физички, здравствени и естетски својства: со нив истовремено се малтерисува и глетува, имаат постојан квалитет, голема цврстина, противпожарни својства, брзо се сушат, не оставаат пукнатини, овозможуваат пријатна клима, а на крајот сепак се економични. При изведувањето на градежните работи, гипсените производи се целосно безопасни за работниците, бидејќи се засноваат на природен минерал апсолутно ослободен од токсични материи.

 

Модерното живеење подразбира редовна употреба на гипсот во градежната индустрија. Без оглед дали се работи за течните естриси, гипсените плочи или гипсените малтери, минералот се ползува при изведбата на ѕидови, подови, тавани, поткровја, надворешни фасади… Користењето на квалитетни гипсени производи, како оние на германската компанија Кнауф, овозможуваат ново изградената или реконструираната просторија да се стекне со возвишени својства: топлинска и звучна изолација, отпорност на влага и пожар, акустичност и прилагодливост за изведба на специфични архитектонски решенија. Списокот на позитивни карактеристики е навистина долг, гипсот како благороден материјал наоѓа примена и во голем број на други области, со единствена цел – посреќен живот на секоја човечка индивидуа.