Претходна статија
Град Скопје ја почнува постапката за изградба на тунелите под Кале
Следна статија
Започна реконструкцијата на улица „Антон Попов“ во Кисела Вода

БИМАС ДЕБАТА: Развојот на Скопје во иднина ќе се одвива низ соработка на Градот и експертите

Објавено на 25.09.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Архитектите, урбанистите и градските власти вчера вечер во Музејот на град Скопје преку организираниот разговор се обидоа да ги претстават чекорите што ќе следуваат во насока на средување на урбанистичкиот хаос во кој се наоѓа Скопје. На дебатата учествуваа Мартин Пановски, претседател на Асоцијацијата на архитекти на Македонија, Огнен Марина, декан на Архитектонскиот факултет при УКИМ, Иван Арсовски, урбанист од Агенцијата за планирање на просторот и скопскиот градоначалник Петре Шилегов.

 

 

Мартин Пановски од ААМ посочи дека асоцијацијата во претстојниот период ќе започне со подготовка на Закон за архитектура, којшто низ промената на легислативата ќе се обиде да ја надмине девалвацијата на професијата архитект. Во делот на урбанистичкиот хаос во Скопје, основите за ваквата состојба, посочи тој, биле создадени со децентрализацијата од 2005 година, која што довела до споделување на ингеренциите за урбанистичко планирање меѓу Градот Скопје и скопските општини.

 

Иван Арсовски од Агенција за планирање на просторот посочи дека бил учесник во изработката на Генералниот урбанистички план на Град Скопје 2012-2022 година, нагласувајќи не се реализирани целите на постојниот ГУП за Скопје. Иако било предвидено да се развиваат северните делови на Скопје, во моментов не е направена никаква инфраструктура што ќе го овозможи тоа, истакна тој. Урбанистот Арсовски нагласи дека идното проширување на градот го гледа кон Злокуќани, Зајчев рид, Волково и останатите делови од северот на Скопје. „Сметам дека доаѓа периодот, за разлика од претходно, каде што урбанистите и сите инженери што придонесуваат за изработката на вакви стратешки планови, ќе треба да седнеме и да ги извадиме добрите идеи кои ги имаме во фиока, и да почнеме да работиме на развој на Скопје“ изјави Арсовски.

 

Огнен Марина, декан на Архитектонски факултет, посочи дека на Скопје во изминативе 10 години повторно му се случил прекин во континуитетот на неговиот развој. „Наместо да се создаде културата на траење, односно културата на континуитетот, и да се гради културата низ континуитетот, се навративме на тие чести прекини што ги имавме. Тоа не е прв пат да се случува во историјата на градот Скопје. Тоа е всушност основната парадигма на креирањето на Градот во последните 100 години“ посочи Марина. Во моментов се поставува прашањето, вели тој, како ние можеме да обезбедиме некаков континуитет, со идеја дека притоа ќе создаваме и некакви вредности.

 

Скопскиот градоначалник Петре Шилегов посочи дека е одлучен на експертите да им даде шанса да творат, односно да им овозможи да направат добра оставштина зад себе.  Како што нагласи тој, вградените инфраструктурни проекти во ГУП-от за Скопје од последните 50 години ќе почнат да се реализираат. Градот Скопје сериозно планира да поработи на развој на северниот дел на Скопје, а притоа, првенствено да се насочи кон развојот на инфраструктурата. Како конкретни проекти на кои ќе се работи во наредниот период, тој ја посочи изградбата на трите нови моста над реката Вардар, проектот за воведување на градската железница, изградбата на булеварот „Босна и Херцеговина“ и продолжување на булеварот „Словенија“.

 

Присутните учесници на разговорот заеднички го промовираа проектот „Скопје Урбан Центар“. Градот Скопје ја поддржува реализацијата на проектот, којшто беше образложен од Огнен Марина, декан на Архитектонскиот факултет. „Урбаниот центар е замислен како еден вид на организација, која што истовремено истражува и промовира различни проекти и укажува на можноста или потенцијалот на создавање одредени политики за управување со градот“ посочи Марина. Конкретно во Скопје, идејата за овој урбан центар е да создаде платформа на која што ќе може да соработуваат различните чинители на трансформацијата, врз основа на знаења, анализи и воспоставување системски пристап во препознавањето на проблемите и нудење на одредени решенија. Тие ќе бидат потоа ставени на увид и презентирани на јавноста, како и ставени пред нејзиниот суд.

 

Мартин Пановски посочи дека градскиот архитект е застарен концепт, но „Скопје Урбан Центар“ на негово место може да прерасне во едно место каде што стручната и нестручната јавност ќе можат да постават прашања. Претседателот на ААМ посочи дека во моментов прашањето се поставува до градоначалникот. „Ова некогаш беше градски архитект, којшто можеби е застарен модел и дава моќ повторно на единка. Урбаниот центар ќе ги прими сите оние коишто се заинтересирани, дури и ќе се потруди незаинтересираните да ги заинтересира“ нагласи тој.

 

На крајот од вчерашниот разговор, архитектите и урбанистите имаа простор да постават прашања до скопскиот градоначалник Петре Шилегов и до останатите учесници на дебатата. Дискусијата траеше долго, а интересот за земање збор на поединци беше очигледен. Од ААМ посочија дека за прв пат се случува градскиот татко да ја прифати поканата за учество во организираната дебата од нивна страна, при што присутните учесници се согласија дека ваквите дебати треба почесто да се одржуваат во иднина.

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.mk