Претходна статија
Распишан тендер за изградба на конаците на манастирот Трескавец
Следна статија
Гевгелија догодина ќе добие нов градски пазар

Без проблеми тече изградбата на скопскиот плоштад „Скендербег“

Објавено на 18.11.2015 во категорија Вести.

Општина Чаир со крупни чекори ита кон довршување на скопскиот плоштад „Скендербег“. Локалната самоуправа деновиве го избра идејното решение за мозаиците на идниот надземен пешачки премин, додека во претстојниот период ќе се изготвува и физибилити студија за оправданост од вклучување на приватен концесионер што би го градел и управувал подземниот паркинг на две нивоа на оваа локација. Во конкуренција на пет пристигнати решенија, авторскиот труд за мозаиците на Ѓорѓи Томовски ја освои втората награда во износ од 100.000 денари, а третата награда од 50.000 денари Општина Чаир му ја додели на авторот Невзат Бејтуљи.

 

 

 

Консултантските компании треба најдоцна до 30 ноември да ги достават своите понуди за изработка на физибилити студија за оправданост од воспоставување на јавно приватно партнерство, документ со кој треба да се определи инвеститорот на идниот паркинг за 400 возила под плоштадот „Скендербег“. За изготвување на студијата од локалниот буџет е предвидено да се издвојат 900.000 денари, без вклучен ДДВ. И додека општинската власт го подготвува теренот за целосно довршување на овој плоштад, фирмата „Бауер БГ“ на терен непречено ги реализира градежните работи од втората фаза.

 

Во изминативе 10 месеци беа изведени страничните бетонски столбови, додека периодов се издигнуваат носечките столбови на средишниот дел од идниот плоштад. По завршувањето на овој сегмент од конструкцијата, изведувачот ќе работи на армиранобетонската плоча со која ќе се премости булеварот Гоце Делчев. Јавниот простор над оваа скопска сообраќајница ќе се простира на 8.000 метри квадратни, додека површината пред стоковната куќа „Илинден“ ќе опфати околу 14.000 метри квадратни.

 

Плоштадот „Скендербег“ е зацртано да се простира од стоковната куќа „Мост“ до раскрсницата меѓу булевар Гоце Делчев и улицата Стив Наумов, како и од стоковната куќа „Илинден“ до објектот на Македонска опера и балет. Вкупната вредност на градителскиот проект досега ја надмина сумата од 12,7 милиони евра.

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.mk