Претходна статија
Во Кочани се продаваат 15 парцели за изградба на нови објекти
Следна статија
Инвеститорот на хотелот во Лагадин вели дека постапува легално

Барањата за референдум од валандовски Казандол се префрлаат во струмичка Иловица

Објавено на 27.06.2017 во категорија Вести.

 

Граѓанската иницијатива за стопирање на изградбата на новите рудници се префрла од валандовскиот во струмичкиот регион. Граѓански активисти од општина Босилово бараат организирање на референдум во врска со изградбата на планираниот рудник за злато и бакар над селата Иловица и Штука. Општинските советници од Босилово веќе се прогласија за ненадлежни по ова прашање, но им оставија простор на граѓаните преку собирање на потписи повторно да се расправа за референдумско изјаснување. Активистите од општина Босилово ќе треба да ги соберат неопходните 100 потписи, со што би започнала постапката за реализација на референдумот.

 

 

Во меѓувреме, советниците од општина Богданци и официјално ја повлекоа издадената согласност за изградба на рудникот Казандол по успешно реализираниот референдум. Општинската одлука е доставена до владата и до надлежните министерства, по што треба да се донесе финалната одлука на централната власт во однос на овој рудник. За рудникот во Казандол ќе се организира рефендумско изјаснување на 23 јули за граѓаните од општина Дојран. Советниците од оваа општина ја донесоа оваа одлука по упатеното барање од граѓанските активисти и од советниците на СДСМ.

 

Последна од општините што треба да реагираат е општина Валандово, каде локалната самоуправа не закажала општинска седница на која ќе се донесе одлука за организирање на референдум. Од граѓанската иницијатива „Спас за Валандово“ најавуваат нови протести и дополнителни мерки во наредниот период, додека инвеститорот „Сардич МЦ“ преку средби со граѓаните од регионот се обидува да им објасни дека новиот рудник нема да предизвика штетни последици. Инвеститорот веќе изјави дека дел од активистите го нарушиле угледот на компанијата, за што тие испратиле опомени пред тужби.