Претходна статија
4,6 милиони евра за ревитализација на трансфостаницата „Дуброво“
Следна статија
За изгледот на ГТЦ повторно се препукуваат двете најголеми партии

Павел Велјаноски е добитник на архитектонската награда „ТИГРИТЕ“

Објавено на 29.09.2017 во категорија Вести.

 

 

Полското архитектонско списание „Architektura Murator“, Амбасадата на Република Полска во Македонија и сопругата на полскиот амбасадор во Македонија, г-ѓа Кинга Нетман Мултановска иницираа нова архитектонска награда во земјава насловена „ТИГРИТЕ“. Првиот добитник на оваа награда е архитектот Павел Велјаноски, чиј магистерски труд на Архитектонскиот факултет при УКИМ беше селектиран за најдобар во тековната 2017 година. Наградата ја доделува архитектонското списание „Architektura Murator“, а информација за добитникот ќе биде публикувана и во самото списание од Полска. Церемонијата на доделување на архитектонската награда ќе се одржи во понеделник (2 октомври), во просториите на Амбасадата на Република Полска во Скопје.

 

 

Новата архитектонска награда „ТИГРИТЕ“ го презема своето име од прекарот на тројцата автори на проектот за изградба на Музејот на современа уметност во Скопје. Зад прекарот „Варшавски тигри“ стојат тројцата архитекти Вацлав Клишевски, Јежи Мокшињски и Еугењуш Вјежбицки, коишто изработиле неколку значајни архитектонски дела во Полска. Тие ја освојуваат првата награда на распишаниот Конкурс за изработка на проектот за Музејот на современа уметност во Скопје, организиран во 1966 година.

 

Логото на архитектонската награда „ТИГРИТЕ“ е изработено од универзитетскиот професор Митко Хаџи Пуља. Финалната авторска творба е инспирирана од необичната структура на покривот на Музејот на современа уметност во Скопје.