Претходна статија
„Сардич МЦ“ ќе бара 380 милиони евра ако се раскине договорот за „Казандол“
Следна статија
Град Скопје ќе гради и реконструира две нови велосипедски рути

Архитектонски конкурс за реконструкција на плоштадот „Чинар“ во Охрид

Објавено на 27.03.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

 

Општина Охрид денеска го објави архитектонскиот Конкурс за избор на идејно архитектонско решение за реконструкција на плоштадот „Чинар“ во стариот дел на Охрид. „Плоштадот се наоѓа во заштитена споменична целина. Предметниот простор нуди убави места за одмор, прошетки, место за организација на културни и забавни манифестации, во моментов е привлечен меѓутоа истовремено недостасуваат квалитетни содржини, за создавање на модерно урбано катче“ се наведува во објавената документација. Реконструктивниот зафат ќе го опфати сегментот од улицата „Туристичка“ до самиот чинар во правец исток – запад и од постојниот паркинг до крајот на чаршијата во правец север – југ.

 

Општинските власти планираат да извршат ново поплочување на плоштадот „Чинар“ и да постават нови канделабри и партерно да го уредат просторот околу самиот чинар. Постојниот паркинг во близина плоштадот би се отстранил, а планирано е да се реконструира и фонтаната. Архитектите можат да добијат подетални информации за барањата на општина Охрид на следниов линк. Изготвените идејно архитектонски решенија треба да се достават до локалната самоуправа најдоцна до 3 мај.

 

На распишаниот конкурс е предвидено да се доделат три архитектонски награди. Првата награда е во висина од 100.000 денари, втората награда е во износ од 30.000 денари и трета награда од 20.000 денари. За избор на победничките архитектонски трудови ќе одлучува оформената комисија во состав: Билјана Ангелоска, Марија Коруновска и Татјана Стојческа.

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.mk