Претходна статија
Архитект Мимоза Несторова Томиќ реагира на рушењето на стоковната куќа „Скопјанка“
Следна статија
Скопски „Гранит“ и „Бетон“ влегуваат во изградбата на експресниот пат Ранковце - Крива Паланка

Архитектонски конкурс за изработка на идејно решение за аква парк во Гостивар

Објавено на 22.05.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

 

Општина Гостивар денес го објави Конкурсот за изработка на идејно архитектонско решение за аква парк што би се градел во овој град. Локацијата за овој спортски комплекс се наоѓа долж градскиот кеј на реката Вардар во Гостивар. Во идното здание е замислено да има базен со бранови, мрзлива река, плиток базен за деца до 4 години, детски базен за деца од 4 до 14 години, базен за спирални тобогани и базен за брзи тобогани, чија водна површина би се простирала на 2.200 метри квадратни. Покрај главните содржини, во идејното решение за аква паркот треба да бидат решени и следниве содржини: влез и излез од спортското здание, гардероби, тоалети, складишен простор и тушеви.

 

*Постојниот аква парк во СЦ „Борис Трајковски“ – Скопје; Фото: Архива на „Билд“. 

 

Идниот воден парк во Гостивар е зацртано да има ресторан за 250 посетители и кафетерија за максимум 100 посетители. Во склоп на комплексот се предвидени и технички простории за базенската опрема. Урбанистичката документација за оваа локација предвидува 40% од бруто развиената површина на идниот објект да биде за компатибилни класи на намена. Максималната висина на содржините од планираното спортско здание би била приземје и два ката, односно објекти во висина до 18 метри.

 

Изборот на идејното архитектонско решение ќе го врши тричлена комисија, во состав: Беким Алиу, Сефедин Билали и Лулзим Исеини. Првата архитектонска награда е во вредност од 50.000 денари. Предвидено е да се откупат и два дополнителни архитектонски труда – прв откуп од 35.000 денари и втор откуп од 25.000 денари. Изработените трудови треба да се достават до Општина Гостивар најдоцна до 26 јуни.

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.mk