Претходна статија
Ќе се гради ли нешто кај бараката на Заводот за урбанизам и архитектура?
Следна статија
Се изготвува проект за реконструкција на библиотеката „Браќа Миладиновци“

Акцелераторите ќе бидат инсталирани во Клиничките болници во Штип и Битола

Објавено на 24.07.2017 во категорија Вести.

 

Министерството за здравство планира во најскоро време да ги стави во функција набавените линиски акцелератори за Клиничките болници во Битола и Штип. Договорот за инсталација на опремата веќе е потпишан, заедно со набавката на онколошки информациони системи, системи за запишување и верификување на радиотераписки третман и системи за планирање на третман и нивно воведување во целосна клиничка употреба. Надлежното министерство денеска го потпиша договорот, при што за оваа намена се издвоени 49.548.200 денари. Изведбата ќе ја изврши фирмата „Кубис Медикал“ од Скопје.

 

Изградбата на бункерите за линиски акцелератори во Битола и Штип започна уште пред неколку години, заедно со ветувањата на претходната влада дека истите ќе бидат ставени во функција за неколку месеци. Клиничкиот центар во Битола требаше да го добие линискиот акцелератор кон крајот на 2013 година, но до денешен ден пациентите не можат да ја користат оваа услуга во здравствената установа. Изградбата на бункерот за акцелератор во Штип започна во 2014 година, но и таму досега не беше воведен во функција линискиот акцелератор. Самата изградба на бункерите во двете болници беше предвидено да чини над 90 милиони денари.