Претходна статија
Општина Куманово ќе гради и отворен базен
Следна статија
Повторно тендер за реконструкција на скопската болница „Св. Наум Охридски“

Академик Марко Мушич: Никој ме нема известено за двата нови факултети во кампусот на УКИМ

Објавено на 03.01.2016 во категорија Вести.

Во функција на добивање сеопфатни и детални информации во однос на изградбата на двете „барокни“ згради во кампусот на скопскиот Универзитет „Св.Кирил и Методиј“, редакцијата на „Билд“ стапи во контакт со словенечкиот архитект и академик Марко Мушич, автор на изворното идејно решение за Универзитетскиот кампус изграден во 1974 година. Одговорите на поставените прашања ги објавуваме интегрално, со превод на македонски јазик:

 

 

Две нови згради ќе бидат лоцирани во постоечкиот парк пред зградата на Ректоратот во кампусот на УКИМ. Кое е вашето лично мислење во однос на проектот со кој се градат два нови објекти во Универзитетскиот центар во Скопје?

 

#Во просторот што го наведувате како локација за новите факултетски згради, значи во просторот на западната страна на ректоратот (која гледа кон центарот на градот), во првонаградениот проект и во сите фази на проектирање се предвидени програми и објекти за студентски културен центар. Тоа се Aula Magna, голема универзална повеќенаменска дворана за сите видови на приредби, помали сали, сали за музички, драмски, експериментални и други активности, изложбени простори за ликовно творештво, дизајн итн., како и сите неопходни пропратни простории за подготовка и изведба на програмата и за посетителите на тоа Универзитетско културно средиште.

 

Тоа се програми, односно згради, воглавно лоцирани на јужната страна на централниот, квадратно оформен Академски плоштад. Плоштадот на западната страна започнува од старата бања како објект од културното наследство, а на источната страна завршува со зградата на Ректоратот. На северната страна на Академскиот плоштад се наоѓаат дополнителни програми и објекти за друштвени и пропратни содржини, кои на студентите и вработените од образовните институции во Универзитетскиот комплекс им овозможуваат сè што е потребно за пријатен живот и работа; значи програми кои на академските аспекти на образованието, воспитанието и научната работа им ја додаваат својата вредност и цена.

 

Треба секако да се нагласи дека сите сегменти од програмата во контекст на Академскиот плоштад се воедно наменети и отворени кон градот. Поради тоа, Академскиот плоштад со јавните програми за култура, разонода, творештво, итн. е лоциран помеѓу центарот на градот и внатрешниот комплекс на кампусот со Филозофскиот, Економскиот и Правниот факултет. Овие факултети (и нивните придружни програми) се распоредени околу Агората, универзитетскиот плоштад. Објектот на Ректоратот, кој слично на портал е издигнат над главната променада, надолжна оска, претставува премин од градот и јавните содржини на Академскиот плоштад (на западната страна од Ректоратот) во клаузурата на комплексот факултети, придружните институти и итн., кои се распоредени околу универзитетскиот плоштад (Агора) и изградени на источната страна на Ректоратот.

 

Од сето ова е јасно дека лоцирањето на наставни содржини предвидени во внатрешниот комплекс на Универзитетскиот кампус (значи на источната страна на Ректоратот) и во влезното подрачје на Академскиот плоштад (на западната страна на Ректоратот, односно кон центарот на градот), предвиден за јавни културни и пропратни содржини, е несфатливо за мене како што е и неприфатливо за почитувањето на основниот концепт на Универзитетскиот центар „Св. Кирил и Методиј“.

 

Низ долгиот професионален пат по кој поминав, сè повеќе сум уверен дека е најважно да се почитуваат основните концепти на големите комплексни, испреплетени и комплицирани целини. Тоа е она што е потребно да се почитува во сите фази низ времето. Тоа се потпорните точки кои обезбедуваат чистина во мислата, идејата и концептот, и единствено ја гарантираат смислата и успехот на сите понатамошни идни визии, интервенции и реализации. Ако се наруши основниот концепт, се распаѓа смислата, квалитетот, вредноста, употребливоста и јасноста на целовитиот организам.

 

Жал ми е што одговорните лица никогаш не сметале за корисно, па дури и за потребно, да ме исконтактираат и консултираат како оригинален автор на комплексот и поединечните згради. Не толку поради мене лично, и цивилизираниот, етички и коректен однос во однос на моето дело и трудот на бројните одлични тимови и поединци со кои сме го конципирале и реализирале Универзитетскиот комплекс. Жал ми е првенствено поради сите оние што во тој комплекс се посветуваат на врвна научна и креативна работа, како и на хуманите и хуманистичките цели на академско образование. Со таквите, по мое мислење, непромислени и воедно арогантни активности, се уништува не само тоа што било направено и што постои. Се уништуваат сите јасни и отворени можности за иднината, која сè уште претставува значаен, пресуден фактор во просторното и архитектонското планирање и проектирање.

 

 

2. Дали некој ве исконтактира од македонското Министерство за образование и наука или од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во врска со овој проект?

 

Во 2006 година добив барање за да се одрекнам од авторските права за Универзитетскиот центар во Скопје, и со тоа да дадам согласност за изградба на Италијанскиот медиа центар во позадината на Филозофскиот факултет, објект проектиран од друг архитект. На тоа барање одговорив со реакција дека не се одрекнувам од авторските права и не давам согласност за изведба по проектот на друг архитект. Официјално протестно писмо против таа постапка и барање што е против етичките и моралните кодекси и авторски права упати Претседателството на Словенечката академија на науките и уметностите (САНУ) до Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ).

 

На моја иницијатива, во 2006 година се состанав со тогашниот Ректор на скопскиот универзитет. Ректорот ми предложи да испратам писмо до сите декани на факултетите што се вклучени во Универзитетскиот центар, во кое ќе ја изразам мојата спремност за соработка при доградбата и обновата на тие објекти. Основна цел на разговорот беше почитувањето на моите авторски права и вклучување во процесите на подготовка, проектирање и изведба на идните згради во Универзитетскиот центар. Резултати од сите овие активности немаше. И покрај наведениот протест и непотпишаниот документ на авторот за согласноста со другиот проект, објектот беше изграден. Уште повеќе, дознав дека негов проектант е професор на Архитектонскиот факултет во Скопје.

 

 

3. Дали бевте вклучени на некое ниво од процесот на донесување одлуки, пред или за време на архитектонскиот Конкурс?

 

Како одговор на вашето прашање, нагласувам дека никој од одговорните лица, како од Министерството за образование и наука, така и од Универзитетот во Скопје, никогаш не ме исконтактирале во врска со актуелниот проект за изградба на идните факултети во подрачјето на Универзитетскиот центар во Скопје. За идната изградба во Универзитетскиот комплекс дознав од вашето писмо. Мојот единствен, за жал, неуспешен контакт со Ректорот и неговите соработници, кој беше остварен на моја иницијатива и со поткрепа од МАНУ, веќе го споменав. Од тогаш па сè до денес, а исто така и пред 2006 година, никој никогаш ме нема исконтактирано, ниту пак има побарано мислење и соработка како оригинален автор.

 

Мојот став е сосема идентичен со оној што веќе еднаш, на средбата по сопствена иницијатива, му го нагласив на Ректорот во 2006 година. Тоа значи дека би било нормално и етички, па дури поволно и корисно, да се вклучи изворниот автор во понатамошните процеси на уредување, проектирање и изградба, односно авторот на првонаградениот проект за урбанистичко и просторно решение и архитектура на изградените објекти.

 

Во ова и понатаму верувам. Не се работи за мојот личен интерес. Станува збор за многу позначајна тема. Станува збор за почитување на континуитетот и традицијата на просторното творештво, тема која е пресудна за идентитетот на еден народ, неговото наследство и култура. Тема која била присутна во сите епохи на минатото, и која воедно е уште позначајна во денешниот глобален свет. Во ситуација во која еден по друг се губат идентитетите на малите народи и средини. Следствено на ова, неопходно е идентитетот не само да се чува, туку и да се зацврстува. Само преку националниот идентитет може успешно да се спротивставите на интересите и намерите на другите народи и цивилизации, кои се засноваат на аргументите на моќта и големината.

 

 

#

 

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.mk