Претходна статија
До април ќе се распише повикот за пронаоѓање приватен партнер за идниот мултифункционален објект во Дексион
Следна статија
Штипски „Бетон“ лани натрупал загуби од над 95,1 милиони денари

Аеродромот во Охрид годинава ќе има рекорден број на патници

Објавено на 14.03.2019 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“ годинава се очекува да забележи најголем раст на бројот на превезени патници во својата историја. За само неколку недели од почетокот на годинава, најавен беше влезот на неколку реномирани авиокомпании. Од 18 март, најпрво унгарски „Визер“ ќе започне да лета кон шведскиот град Малме, а само ден подоцна ќе стартува и авионската линија кон Милано. Овие две линии ќе се одржуваат два пати неделно.

 

*Авион на „Визер“ слетува на охридскиот аеродром

 

Веднаш по нивниот старт, швајцарската авиокомпанија „Еделвајс“ на 6 април ќе започне да лета од Охрид до Цирих еднаш неделно, додека во јули и август годинава оваа линија ќе се одржува два пати во седмицата. Деновиве пристигнаа позитивни вести и од германската нискобуџетна компанија „Јуровингс“, која ќе стартува сезонски летови од охридскиот аеродром до Штудгарт и Дизелдорф. Летовите меѓу Штудгарт и Охрид ќе се одржуваат два пати неделно, во периодот од 21 јуни до 9 септември. Истовремено, меѓу Дизелдорф и Охрид ќе се лета еднаш неделно, во периодот од 17 јули до 28 август.

 

На почетокот од јули, унгарската авиокомпанија „Визер“ ќе започне редовно да сообраќа и кон две други дестинации. Првиот лет за Меминген е планирано да се реализира на 1 јули, додека авионската врска кон Дортмунд треба да почне да се одржува на 2 јули. Огромниот број најави за воведување на нови летови од охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“ доаѓаат по напорите на актуелната влада да го заживее ова леталиште. Владата му додели нови субвенции на „Визер“, со кои се воведуваат дополнителни летови од Охрид. Веднаш по ваквите најави, и други авиокомпании се одлучија да започнат со работа од овој аеродром.

 

Од охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“ лани биле превезени 181.812 патници. Очекувањата се дека новите дестинации ќе привлечат зголемен број туристи во Охрид, но и ќе постанат примамливи за патување за жителите од југозападниот дел на земјава и од пограничните албански градови. Статистички погледнато, прогнозите за 2019 година се дека овој македонски аеродром би остварил минимум 200.000 превезени патници.

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.mk