Претходна статија
Богданци в недела на референдум за рудникот во Казандол
Следна статија
Отворена пешачко - рекреативната патека од каналот Студенчишта кај Охрид до Горица

АДСДП со нови 60.000 евра за доградба на „барокниот“ објект кај МОБ

Објавено на 09.06.2017 во категорија Вести.

 

Продолжува склучувањето на дополнителни договори за доградба на објекти од проектот „Скопје 2014“. Постојното раководство на Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор (АДСДП) склучило дополнителен договор за новиот „барокен“ објект залепен до Македонската опера и балет (МОБ) во центарот на Скопје. Изведбата на непредвидените градежни работи се однесуваат во делот на „подготвителни работи, земјени работи, бетонски и армирано-бетонски работи, инсталатерски работи и др. во фаза водовод и канализација и машинство“.

 

 

Најновиот договор е склучен на 5 јуни годинава, по формирањето на новата македонска влада. За непредвидените градежни работи се издвоени 3.774.713 денари, кои заедно со основниот договор, ја искачуваат вкупната цена на овој објект на вкупно 616.677.091 денари. За изведувач на градежните работи е избрана скопската фирма „ДЕКОН – КОМ“, идејното решение е на Жарко Чаушевски, а основниот проект го подготви бирото „Архитектоника“.

 

Изградбата на новата административна зграда на АДСДП започна во септември 2015 година. Објектот е вметнат во дотогаш слободниот јавен простор, затворајќи го погледот кон зданието на Македонската опера и балет. Во изминативе неколку години се изградија дури седум згради на просторот околу делото на четворицата словенечки архитекти од „Биро 71“ од Љубљана.