Претходна статија
Новите станбени згради во Тафталиџе ќе проголтаат 41 милион денари од градскиот буџет
Следна статија
Градежниот сектор оптимистички гледа на иднината

70 милиони денари за нови водоводи во Виница и Желино

Објавено на 10.10.2017 во категорија Вести.

 

Министерството за транспорт и врски денеска распиша два тендери за изградба и реконструкција на водоводната мрежа во Виница и во тетовската општина Желино. Во Виница е предвидено да се реализира втората фаза од изградбата и реконструкцијата на водоводната мрежа во градот. Од државниот буџет ќе се обезбедат над 12 милиони денари за реализација на овој проект. Втората фаза следува откако се реконструираа 4.367 метри од старите азбестни цевки од водоводната мрежа. Градежните компании имаат рок до 2 ноември за да ги достават своите понуди до Министерството за транспорт и врски. Целиот зафат треба да се заврши најдоцна за осум месеци.

 

Од надлежното министерство го објавија и тендерот за изградба на водоснабдителниот систем во Желино, каде што би се инвестирале околу 58 милиони денари. Инфраструктурниот зафат би се изведувал во наредните 12 месеци, со што ќе се комплетира третата фаза од овој проект. Во третата фаза ќе се гради потисниот цевковод, дел од доводниот цевковод за селото Желино и резервоарот за вода. Претстојните градежни работи се составен дел на капиталниот проект за изградба на регионален водоснабдителен систем за четирите тетовски општини Желино, Врапчиште, Брвеница и Боговиње. Заинтересираните фирми од градежниот сектор имаат рок до 1 ноември за да ги достават понудите за учество на тендерот.